Во дискусија со Гејл Кинг на Конференцијата за жени во Бостон, Масачусетс, САД, викендов таа искрено проговори за тоа.
- Имаше многу прилики кога размислував да пишувам, а не го сторив тоа. Имав договори да го сработам тоа... Мајка ми беше сѐ уште жива и јас почнав со (пишувањето на, з.п.) мемоарите... И Стедман (Грејм - нејзиниот долгогодишен партнер) ми рече: „Не треба да го кажуваш тоа за мајка ти“. Сè што сакав да кажам беше дека никогаш не се чувствував сакана. А, тој ќе речеше: „Тоа ќе го повреди вашето семејство“, објасни Опра.
Мајката на познатата водителка почина во 2018 година. Прашана - дали конечно ќе продолжи со пишувањето мемоари сега, Опра нагласи дека „воопшто не размислува“ за тоа.
Крајот на „Шоуто на Опра Винфри“ се случи во мај 2011 година - по 25 сезони. Таа е убедена дека завршувањето на нејзината емисија во тоа време е вистинскиот избор, иако, вели, ќе беше профитабилно да продолжи со неа.
- Не. Емисии секој ден, сега денес!? Не! Искрено чувствував дека е време да ја завршам емисијата. Да потпишев друг договор, ќе заработев најмалку уште една милијарда долари... Сè потешко и потешко се наоѓав себеси како седам на тоа „столче на вистината“, појасни таа.
Според кажувањата, главен проблем било тоа што секоја година се обидувале да се надминат себеси...
- Секогаш се обидуваш да го направиш тоа што ќе го надмине она што досега си го направил... Сè што ќе помислите кога ќе помислите „Се прашувам како е да се биде Опра“ - знајте дека тоа е 100 пати подобро од вашата замисла, нагласи таа.
Иако нема толку густ распоред како во деновите на нејзината ТВ-емисија, водителката, која е на самиот почеток од осмото десетлетие од својот живот, ужива во флексибилноста на новата интернет-емисија „Опра поткаст“ (The Oprah Podcast), во којашто повторно зборува со значајни поединци. Таа тврди и оти допрва сака да научи скијање.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата