logo
logo
logo

„ЉУБИ МЕ И ГЛАВАТА ГОРЕ“: Почина пејачката Сенка Велетанлиќ, сопруга и најголема љубов на Зафир Хаџиманов

Vecer | 19.01.2026

„ЉУБИ МЕ И ГЛАВАТА ГОРЕ“: Почина пејачката Сенка Велетанлиќ, сопруга и најголема љубов на Зафир Хаџиманов

Почина српската пејачка Сенка Велетанлиќ, која на македонската јавност ѝ беше позната и како сопруга на нашиот реномиран пејач и актер Зафир Хаџиманов.

Велетанлиќ почина на 89-годишна возраст по тешко боледување, а тажната вест ја соопшти нејзиниот син, музичарот Васил Хаџиманов, преку објава на Фејсбук.

„Утрово нè напушти мојата мајка Сенка Велетанлиќ по тешка болест. Замина тивко, достоинствено, во сон, како дама, токму како што ѝ прилега. Те сакам, мамо. Ти благодарам, мамо“, напиша Васил.

Да потсетиме, Сенка Велетанлиќ е родена во Загреб и своите први музички чекори ги направила како членка на хорот на КУД „Јожа Влаховиќ“. Со ансамблот настапувала и патувала низ Европа – во Париз, Белгија и Италија, а во 1958 година ги направила и првите студиски снимки за Радио Загреб. Иако дипломирала на Економскиот факултет, одлучила професионално да ѝ се посвети на музиката.

Нејзиниот голем пробив се случил во 1960 година на Опатискиот фестивал, каде ја извела песната „Ноч без ѕвезда“, со што практично се родила нова ѕвезда на сцената на шеесеттите години. Публиката и критиката ја препознале по софистицираниот стил, елегантниот настап и воздржаната сценска појава, зад која стоеше силен темперамент и длабока емоција во интерпретацијата.

На Опатискиот фестивал повторно настапила во 1963 година со песната „Опрости, волим те“, а во 1968 година ја извела „Што ме чини сретном“, во алтернација со Јосипа Лисац.

Во приватниот живот, најпрвин била во брак со Тихомир Петровиќ, по што се преселила во Белград.

Бракот не траел долго, а во средината на шеесеттите години се омажила за својот колега, македонскиот уметник Зафир Хаџиманов.

Во 1967 година, Сенка и Зафир го одржале својот прв заеднички рецитал во театарот „Атеље 212“ во Белград, а телевизија Белград тогаш за првпат снимила концерт на „лесна музика“ во живо, што се смета за значаен момент во телевизиската историја на регионот.

Во 1972 година, заедно со сестра ѝ Бисера, ја извела песната „Ми знамо све“. Сестрите Велетанлиќ останаа запаметени како легендарен дует на домашната шлагер-сцена, симбол на квалитетна интерпретација и стил. Подоцна, секоја од нив го продолжи својот уметнички пат поединечно.

Од бракот со Зафир Хаџиманов го има синот Васил Хаџиманов, истакнат џез-музичар, со што музичката традиција на семејството продолжи и во следната генерација.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk