logo
logo
logo

ТАЈНАТА НА ФРЕДИ МЕРКЈУРИ - Што навистина се крие зад стиховите на „Боемска рапсодија“?

Vecer | 04.05.2026

ТАЈНАТА НА ФРЕДИ МЕРКЈУРИ - Што навистина се крие зад стиховите на „Боемска рапсодија“?

Малку музички дела успеале да остават толку силен печат како „Боемска рапсодија“ на бендот „Квин“, песна која и по децении продолжува да фасцинира, инспирира и да отвора прашања околу своето вистинско значење, пишува Дејли Меил.

Песната, објавена на 31 октомври 1975 година, стана дел од листата „100 најдобри песни на сите времиња“, но човекот кој ја напишал никогаш јавно не сакал да го објасни вистинското значење на стиховите.

Фреди Меркјури, фронтменот на „Квин“, еднаш изјавил дека во песната се пее за „врските“, а ниту неговите колеги од бендот не кажале нешто што би го објаснил текстот.

Но, биографката на Фреди Меркјури, Лесли-Ен Џонс, открива дека стиховите во песната криеле тајна порака - признанието на Фреди дека е хомосексуалец.

Угледниот музички тексописец Тим Рајс, кој одлично го познавал Фреди, смета дека тврдењето на биографот Џонс држи вода.

- За мене е повеќе од очигледно дека тоа е признанието на Фреди дека е хомосексуалец. За ова разговарав и со тапанарот на „Квин“, Роџер Тејлор. Пораката е прилично јасна: Фреди навистина признава дека е хомосексуалец - вели Рајс.

- Во стихот „Mama, I just killed a man“ (Мама, само што убив човек), Фреди се убива себеси, односно неговиот поранешен карактер. Кога пее „Put a gun against his head, pulled my trigger, now he's dead“ (Ставив пиштол на неговата глава, го повлеков чкрапалото и сега тој е мртов), станува збор за дотогашната хетеросексуална личност која сега е мртва. I see a little silhouetto of a man (Гледам мала сенка на човек), сѐ уште го прогонува тоа што го направил - додава Рајс.

- Кога и да ја слушам песната, го гледам Фреди како се обидува да се ослободи од еден и да прифати друг Фреди. Дали успеал во тоа? Мислам дека прилично добро се соочи со сето ова - вели Рајс, според кого оваа песна е едно од најголемите музички дела на 20 век.

Лесли-Ен Џонс вели дека лично го прашала Фреди дали песната е негово признавање на хомосексуалноста, но тој избегнал да даде конкретен одговор.

Неговиот партнер Џим Хатон, по смртта на Фреди, ја потврдил оваа теза истакнувајќи дека Фреди никогаш не сакал јавно да признае бидејќи чувствувал притисок да одржува слика на хетеро-личност поради своето семејство.

Хатон ја опишува песната како длабока лична исповед на Фреди за тоа како неговиот живот би можел да изгледа и колку би бил посреќен доколку може слободно да биде тоа што е. Според него, светот добил можност да слушне имагинативно, комплексно и повеќеслојно ремек-дело со едноставна, но силна порака - дека песната ја отсликува вистинската природа на Фреди.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk