Американската хип-хоп сцена се простува од една од своите најважни и најхрабри фигури. На 60-годишна возраст почина Дорин Броднекс, попозната како Спарки Ди, раперката која во 1980-тите ги скрши бариерите во машкиот свет на хип-хопот. Зад себе остави култни музички парчиња, но и инспиративна животна приказна за борбата со пороците и целосната трансформација преку верата.
Спарки Ди беше една од пионерките на женскиот рап, а особено се истакна со своите вештини во таканаречените рап битки (rap battle). Пошироко внимание во јавноста привлече во 1984 година со песната „Sparky's Turn (Roxanne You're Through)“, која претставуваше одговор на хитот „Roxanne's Revenge“ на тогаш младата раперка Роксан Шанте. Песната за кратко време беше продадена во повеќе од 300.000 примероци, а подоцна беше наградена и со златен тираж.
Иако оствари значаен музички успех, нејзиниот живот го одбележаа и сериозни лични борби. Во претходни интервјуа таа отворено зборуваше за искуствата со семејно насилство, проблемите со зависноста, како и за периодот од животот во кој работела како проститутка.
Откако успеала да ја надмине зависноста, таа се свртела кон верата и го прифатила христијанството. Ја напуштила комерцијалната музика и се посветила на госпел рапот, а во 2007 година ја освоила наградата Gospel Choice Award за песната „This Is for the Church“.
Во последните години од животот таа настапуваше во рамките на госпел хип-хопот и јавно зборуваше за верата, опоравувањето и личната трансформација.
Веста за нејзината смрт предизвика бројни реакции кај колегите и фановите, кои ѝ оддадоа почит со емотивни пораки на социјалните мрежи, истакнувајќи го нејзиниот придонес кон музиката и наследството што го остави зад себе.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата