logo
logo
logo

Вечер Анализа

Шеќеринска го победи Заев! Пендаровски донесе пресуда

Vecer | 15.05.2021

Шеќеринска го победи Заев! Пендаровски донесе пресуда

Собранието, со убедливи 72 гласа за, и само 5 против - го изгласа законот за легализација на дивоградбите. Зошто беше потребен законот.

Според претходниот закон за легализација, сите дивоградби заклучно со март 2011. требаше да се легализираат после поднесена документација до надлежните институции.

Заради голем број предмети, околу 130.000 од тие барања за легализација според претходниот закон до ден денеска не се решени, а во март истече рокот за решавање.

Согласно тоа, сите тие 130.000 дивоградби треба да се урнат, инвеститорите да се гонат во кривична постапка, а градоначалниците на општините како и стручниот кадар да се обвинат за кривично дело злоупотреба на службената положба според Чл. 353 од КЗ затоа што не пријавиле кривично дело од чл. 244 од КЗ, создавајќи му свесно на друг значителна имотна добивка, и не отпочнале уривање на тие дивоградби.

130.000 дивоградби со нерешен статус, и нови 50.000 констатирани. Кој е подготвен да поднесе 180.000 кривични пријави и/или да отвори управни постапки за уривање на дивоградбите и кривично гонење. Не смее да има селекција, или се уриваат и одговараат кривично сите, или ниеден.

Што кажува новиот закон, непотпишан од Пендаровски

Законот кој не го потпиша претседателот Стево Пендаровски ја решаваше таа состојба за нерешените 130.000 барања за легализација (поддржано со уште еден закон), како и дополнителните 50.000 дивоградби од различни видови.

Проблемот е голем, таложен со децении и многу масовен. Не може да се реши по постојните закони бидејќи никој ниту смее, ниту може, да нареди и спроведе уривање на 180.000 дивоградби (од старите констатирани, и новите 50.000), ниту да отвори 180.000 управни и кривични постапки за судење.

Кога се има таква состојба во правото проблемот се решава со нов закон кој констатира реална состојба, го спасува правниот и правосудниот систем од колапс, и воведува нови построги правила за во иднина состојбата да не се повтори.

Дека е тоа релно решение со јасни причини доказ е и фактот дека овој закон е изгласан со дури 72 гласа што, во овој однос на силите во собранието, е реткост. За законот гласаа СДСМ, ВМРО ДПМНЕ, ДУИ и пратеници од Алијанса. Против беа сателитските партии. Вкупно 5 гласа против од Левица, Павле Трајанов од ДС, ДОМ како и други двајца.

Тие петмина и нивните партии никогаш нема да бидат власт или да формираат влада и лесно им е да бидат антипротивни на се, само за да се дојде со контра ставовите до некој нов глас. Одговорност никогаш немале ниту ќе имаат за било што во општеството.

Зошто Пендаровски не го потпиша прогласувањето на законот

Законот го уривал правниот систем, правната култура и еднаквоста на граѓаните?

1.Со легализацијата се ставаат во нееднаква положба тие што граделе легално, и тие што граделе дивоградби, смета Пендаровски. Тие што граделе дивоградби треба да одговараат според закон.

Зошто има толку многу дивоградби, над 180.000 во моментов? Затоа што државните органи не си ја работеле работата според закон и овозможиле појавата да стане толку масовна што не е можно да се решава поединечно, од случај до случај.

Ако е така, колку градежни инспектори, началници на полиција, колку раководители на сектор за градење во општините, градоначалници и министри досега одговарале и биле судени и осудени за создавање на причините за овие последици?

Градоначалникот на Охрид од СДСМ, Константин Георгиевски, јавно кажа дека тој немал намера да спроведува постапки против дивоградбите во Охрид. Се огласи ли Пендаровски потоа, го повика ли Георгиевски партијата или обвинителот на одговорност?

Нив Пендаровски ги амнестира. Сам, без закон и без одлука на суд.

Да, пред Уставот се сите еднакви. Дали Пендровски го знае тоа од вчера, или од порано. Над 1.700 лица со години примаат плата како виртуелно вработени во државната администрација само затоа што се Албанци. Етнички фаворизирани. Не сме го слушнале Пендаровски да каже нешто во одбрана на уставната еднаквост за 220.000 невработени кои чекаат работа и гледаат како други им ги земаат работните места, иако Уставот им гарантира еднаквост помеѓу сите граѓани кои ги исполнуваат условите.

Пендаровски стана претседател со гласови од Албанците. Тој е нивни клиент кој смее да се однесува како претседател од време на време, до таа граница. И обврска да се слика со нарко дилерите од клановите во Чаир, Грчец и Арачиново кои му донесоа гласови.

Кога некој претседател, на избори, половина од гласачите (оние кои не гласале за него) ќе ги квалификува како “стадо“, го загубил правото да говори за етика, морал или правна и демократска култура. Го загубил засекогаш легитимитетот.

Пендаровски не е ни свесен колку корупција се генерира во општините, кога луѓе со години плаќаат мито за надлежни инспектори, полицајци и градоначалници да не им биде поднесена пријава за дивоградба во управна или кривична постапка, или да не им се урнат објектите. Овој закон ја запира таа корупција.

2.На Пендаровски му пречи што во Чл. 41 од законот се предвидува запирање на управни и кривични постапки за инвеститорите на дивоградбите кои се легализираат. Тоа, според Пендаровски, било акт на амнестија на сторители на кривични дела.

Тоа стои уште од првата верзија на овој закон, тогаш во Член 31, објавена во јануари 2020-та на сајтови. Вечер го објави текстот преземен од сајтот на Општина Аеродром. Постои јавна расправа, дебата за законот скоро две години. Пендаровски не беше заинтересиран. Ниту тој, ни Левица, ни Павле Трајанов ни ДОМ не дебатираа јавно за ова.

Според тогашниот Член 31 стои дека со донесување на овој закон се запираат сите управни и кривични судски постапки.

Тој го спори наведениот член 41 во финалниот закон за легализација на дивоградби со образложение на кое му недостасува само сликата од Стефчо Јакимовски, поранешниот градоначалник на Карпош, сега преку ГРОМ коалаиционен партнер на ВМРО ДПМНЕ.

Пендаровски врши политички прогон на точно таргетирани лица кои би биле опфатени со овој закон – уривајќи го целиот концепт и законот, одржувајќи во живот урбан и законски хаос за 180.000 луѓе заради политички прогон и одмазда врз поединци.

Ако се декриминализира некое дело во определен период, како во случајов со дивоградбите, не може да се гонат лица кои потенцијално или стварно го сториле тоа дело до денот кога се донесува тој закон. Ако е дивоградбата производ на криминал – има криминалци. Ако не е повеќе криминал, не може да има ни сторители.

Кога инвеститорот на дивоградба ќе се пријави за легализација на истата тој, и де факто и де јуре, се пријавил дека е извршител на кривично дело. И го признал истото. Но, тој не одговара за бесправно градење според Член 244 од КЗ, ниту во управна постапка. Токму Чл. 41 кој го спори Пендаровски – ја обезбедува еднаквоста пред законот, и Уставот.

Не е точно ни дека се нарушува еднаквоста со оние кои имаат Одобрение за градење и платиле комуналии. Оние чии градби би се легализирале не се еднакви со нив, дополнително плаќаат 50% поголеми комуналии од останатите, со што отпаѓа тврдењето на Пендаровски дека се тие фаворизирани во однос на другите.

Што се обидува да манипулира Пендаровски

Пендаровски манипулира со констатацијата дека законот легализира дивоградби во заштитени зони, национални паркови, водени извори...

Ова не е точно.

Законот воопшто не легализира дивоградби на такви места од јавен интерес и на државен имот. Само оние кои се вклопуваат во урбанистичките планови. Тоа е оставено да го решаваат општините и, потоа, министерствата. Значи, во овој закон нема одлука за тоа, туку се опишува кој има надлежност да одлучува.

Пендаровски знае, или морал да знае пред да донесе одлука, дека голем дел од дивоградбите до езера и реки, по планини и долини се од страна на ЕЛЕМ со нивната електромрежа која во добар дел не е градена со дозвола за градба, исто така и дел од мрежата на мобилните оператори. Како тие сега ќе се легализираат?

Или, зошто никој од нив не е кривично гонет за бесправно градење. Нели Уставот вели пред законите сите се исти. Или Пендаровски има пред себе Устав во некоја скратена, лајт верзија, за локална политичка и партиска употреба.

За Пендаровски немавме Устав кога, спротивно на Уставот, со пратеници вадени од притвор се изгласа промена на уставно име, а потоа за награда беа амнестирани додека другите од истото дело лежат по 15 години затвор. На тоа му претходеше референдум кој надлежен орган – Државна изборна комисија, го прогласи како неуспешен.

Шеќеринска го победи Заев

Изгласаниот закон за легализација на дивоградбите е поддржан, како ретко кога, од најголемите партии без оглед на политичката страна. Се покажа единство во јавниот интерес. Со тоа е јасно дека Зоран Заев, како претседател на СДСМ, стои зад законот.

Кога законот се изгласа првите реакции дојдоа дури наредниот ден, откако избрани новинари беа брифирани и стартувани. Тоа, како и порано, почна со избраната група на Радмила Шеќеринска, и нејзините фондови и фондации. Стартот го означија Васко Попетрески од Алсат (360 степени), Горан Михајловски (поранешен уредник на Вест) и неколку други кои редовно одработуваат за Шекеринска со години наназад.

Истите кои опстануваат не со свој труд и пазарен успех, туку секогаш биле плаќани од фондови и фондации кои се под влијание на Радмила Шекеринска.

Истите кои ги отвараат аферите за Зоран Заев и неговите соработници за да се урне неговиот авторитет во партијата, а да се зголеми авторитетот на Радмила Шекеринска која отсекогаш имала нагон да ја контролира партијата од заднина, со помош на своите извршители од фондовите и фондациите бидејќи во партијата никогаш немала поддршка.

Дали забележавте дека Зоран Заев ниту еднаш не се огласи во овие денови кога екипата на Шекеринска го напаѓашe законот за дивоградби. Шекеринска успеа во намерите, го победи Заев и покажа дека последниот збор во партијата не е негов – туку нејзин.

Бадијала Заев преговара за да има масовно гласање за законот со што се зголемува неговата оправданост. Шекеринска покажа дека СДСМ нема единство во ставовите, и дека со своите медиумски и невладини извршители таа има моќ над Заев.

Пендаровски не е избор на Зоран Заев туку е резултат на негов компромис со кланот на Шеќеринска која има влијание врз фондациите и кај дипломатите.

Пендаровски, со одбивање на законот зад кој стои Зоран Заев и целата пратеничка група на СДСМ само го потсети Заев дека тој не е главен. Дека е поддржан само за решавање на валканите проблеми, а се друго е во рацете на Шекринска и нејзиниот клан. Дека имаме дуализам во власта, но и во СДСМ. Дека не владеат тие што се избрани.

Како Пендаровски ја гледа политиката и себе во неа можеше да види цела Македонија со она неговото “Кај си љубави...“ до Бојко Борисов.

Ако Пендаровски е така стручен и решителен, нека отиде во Тетово сосе новинарите и нека инсистира да се урнат 90-те дивоградби на Шар Планина. Ако не извршат, нека поднесе кривични пријави против одговорните во општината. Потоа, истото за Охрид и другите. Вака, неговото е фрлање на жешкиот костен во туѓи раце и користење прилика за политичка пресметка во самата власт и во СДСМ, и прогон на луѓе од опозицијата.

Десната рака на Зоран Заев, вицепремиерот Љупчо Николовски, најави дека СДСМ нема да се откаже од законот за легализација на дивоградбите. Особено не по вакво грубо покажување мускули и надмоќ од страна на Радмила Шекеринска и нејзиниот клан.

Никој со сигурност не може да каже што може да се очекува. Според закон, Собранието час поскоро треба повторно да гласа за законот кој Пендаровски одби да го потпише. Ако го изгласа повторно, тогаш Пендаровски нема избор, и мора да го потпише.

Никој не може да каже ни дали ВМРО ДПМНЕ би гласало за законот во повторениот обид и би му дало авторитет и широка подршка, гест на политичко помирување кога е широк јавен интерес во прашање. Да потсетиме, Мицкоски кажа дека договорил со Заев соработка за овој закон, како и за законот за медиуми. Второво е сега неизвесно.

Иако Мицкоски се договори со Заев за овој закон, Заев го погази и зборот и договорот. Довербата помеѓу Мицкоски и Заев е дополнително нарушена и предизвикана. Нема ниту една причина во иднина да се договорат за било што, а Мицкоски да верува дека Заев тоа ќе го спроведе.

Vecer.mk

 

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk