logo
logo
logo

ЖЕНАТА КОЈА МОЖЕ ДА ЈА СПАСУ ЕУ: Денеска со Трамп, утре со Венс, за разлика од Урсула има пристап до Белата куќа

Vecer | 17.04.2025

ЖЕНАТА КОЈА МОЖЕ ДА ЈА СПАСУ ЕУ: Денеска со Трамп, утре со Венс, за разлика од Урсула има пристап до Белата куќа

За време денешниот состанок во Вашингтон, италијанската премиерка Џорџа Мелони ќе се обиде да го спречи американскиот претседател Доналд Трамп да воведе нови царини врз Европската Унија. Иако Мелони не е првиот избор на Брисел за преговори со Трамп, таа би можела да биде единствената, пишува Политико.

„Имаме сила, способност и интелигенција да надминеме секоја нова пречка. Веќе надминавме некои тешки пречки, а ќе има уште повеќе пред нас“, рече Мелони пред да замине за САД, нагласувајќи дека ќе се обиде да му објасни на Трамп зошто новите трговски мерки сериозно ќе влијаат на европската економија.

„Како и да можеме, мора да избегнеме трговска војна бидејќи таа само ќе го ослаби Западот“, додаде таа.

Лична врска со Трамп

Трамп, кој претходно ја пофали Мелони како „прекрасна личност“ и ја покани на неговата инаугурација во јануари, е познат по тоа што ги става личните односи во центарот на дипломатијата. Белата куќа очекува Мелони да го искористи состанокот за да се обиде да создаде простор за договор, во време кога трговските тензии меѓу САД и Европа повторно ескалираат.

Минатата недела, Трамп привремено ги одложи најавените царини и изјави дека европските земји го контактирале „бакнувајќи му го задникот“, што предизвика загриженост во Брисел за симболиката на доаѓањето на Мелони токму сега.

Нејзината блискост со светот на Трамп дополнително ја поттикнува недовербата кај европските сојузници, кои стравуваат дека пораките што таа ќе ги пренесе може да се разликуваат од оние на францускиот претседател Емануел Макрон или британскиот премиер Кир Стармер.

Двојна позиција Мелони

Според аналитичарите, Мелони успеала да се претстави како „трансатлантичар“ и политичарка која, и покрај своите крајно десничарски корени, соработува со ЕУ, но гради и специфичен однос со Белата куќа. Токму поради оваа двојна позиција, европските лидери ги полагаат своите надежи на нејзината способност да наметне трговски договор, но и да влијае врз политиката на Трамп кон војната во Украина.

Според извори од нејзината канцеларија, Мелони се координирала со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, околу содржината на разговорот. Но, за многумина во Брисел, ова не е доволно; Постојат стравувања дека Италија би можела да лобира за ослободување од американските царини, што би ја ослабнало преговарачката моќ на целата Унија.

Италијанските интереси и претпазливоста на Брисел

Минатата година, Италија оствари трговски суфицит од 40 милијарди евра во размена со САД, третиот најголем во ЕУ, веднаш зад Германија и Ирска. Дополнителните царини би можеле сериозно да ги погодат италијанските извозници, па затоа не е изненадувачки што Мелони ја користи целата политичка моќ и врски што ги има.

Но, во исто време, се отвора и прашањето за безбедносната политика: претходната поддршка на Мелони за Украина ги надмина очекувањата, но во рамките на ЕУ има сè повеќе шпекулации дека таа би можела тивко да му сигнализира на Трамп дека Рим повеќе нема отворено да го блокира укинувањето на санкциите против Русија, што би можело да го поткопа европското единство.

„Брисел и другите европски престолнини нервозно го следат она што Мелони го обидува. Но, тие се очајни и никој не се обидува да ја запре“, рече Џереми Шапиро од Европскиот совет за надворешни односи.

Само Мелони има пристап

Трамп сè уште не ја поканил Урсула фон дер Лајен во Вашингтон, а американскиот државен секретар Марко Рубио претходно ја откажа средбата со Каја Калас, шефицата на европската дипломатија. Значи, Мелони е, засега, единствена што има директен пристап до Белата куќа.

Денес, според најавите, ќе седне со Трамп во Овалната соба пред избрана група новинари, а потоа ќе учествува на свечен ручек. Утре наутро таа се враќа во Рим за да биде домаќин на потпретседателот на САД, Џ. Д. Венс, еден од најгласните критичари на Европската Унија во американската администрација.

Но, иако личните односи се срдечни, малку е веројатно дека ова ќе ја промени политиката на Трамп кон ЕУ. Како што изјави еден американски функционер: „Претседателот не ја гледа ЕУ како релевантен фактор, за него земјите се тие што ги лажат САД. Но, тој има многу топли односи со некои лидери. Мелони е меѓу нив.“

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

TailoredCV
logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk