Стравот и гневот кои со недели тлееја во американските федерални агенции дополнително ескалираа откако Илон Маск, милијардер и извршен директор на Tesla и SpaceX, рече дека ќе ги пронајде и казни оние што ќе објават информации за неговата работа во медиумите како дел од владината иницијатива за намалување на бирократијата.
Вработените во неколку федерални агенции изјавија за Политико дека со недели дејствуваат крајно претпазливо поради страв од одмазда - тие автоматски ги бришат пораките на апликациите како Сигнал, фотографираат документи наместо слики од екранот и користат приватни уреди за да комуницираат едни со други.
Но, многумина сметаат дека јавноста треба да знае што се случува внатре во т.н. Одделот за владина ефикасност (DOGE), предводен од Маск, без оглед на ризиците поврзани со контактот со новинарите.
The New York Times is pure propaganda.
— Elon Musk (@elonmusk) March 21, 2025
Also, I look forward to the prosecutions of those at the Pentagon who are leaking maliciously false information to NYT.
They will be found. pic.twitter.com/xANvLMOH5j
„Њујорк тајмс“ пред два дена објави дека Маск требало да добие таен брифинг во Пентагон за можна војна со Кина, што Маск, Трамп и министерот за одбрана Хегсет го негираа. Но, Маск на платформата X рече дека „оние кои злонамерно шират лажни информации до NYT ќе бидат пронајдени и кривично гонети“.
„Ние сме јавни службеници, а не слуги на Илон“
Зборовите на Маск, според вработените во неколку федерални агенции, не го дале посакуваниот ефект - всушност поттикнале дополнителна решителност да се зборува за ситуацијата во владините институции.
„Ние сме јавни службеници, а не слуги на Илон“, рече вработена во американската Администрација за храна и лекови (ФДА), која, како и другите интервјуирани, сакала да остане анонимна.
„Јавноста има право да знае колку е ова нефункционално, деструктивно и лажно“, додаде таа.
Вработен во Министерството за земјоделство (USDA) ги нарече информаторите „патриоти“. „Помагањето на новинарите да известуваат за состојбата во агенциите произлегува од желбата за поголема транспарентност - истата цел што Маск јавно ја промовира“, рече тој.
„Маск и оваа администрација не заслужуваат исклучоци“, додаде тој, мислејќи на администрацијата на Трамп. „Ако Обама или Бајден го направеа ова, никој немаше да го толерира.“
Страв од надзор, отпуштање и прогон
Вработените во повеќе агенции, вклучително и Националниот институт за здравство (NIH), велат дека стравот од надзор е сеприсутен - тие не знаат дали камерите или софтверот се всушност инсталирани на уредите, но чувството дека тие се следени постои со недели.
„Разговараме лично, надвор од зградата, без телефони. Сѐ повеќе колеги ги исклучуваат телефоните, одат во подруми или шетаат надвор“, вели еден вработен во НИХ. „Ако некој одбие да зборува на апликација како Сигнал или лично, јас веднаш му верувам.“
Некои вработени веруваат дека Маск веќе има искуство во откривањето на изворот на информации: во Tesla, тој наводно вметнал препознатливи обрасци, како што се различен број празни места, во кодирани пораки за да го идентификува изворот на истекувањето.
Се стравува дека тој би можел да примени слични методи на владините агенции.
„Поради сѐ што вели Маск, повнимателен сум да ги проверувам информациите пред да ги споделам“, рече истиот вработен. „Ова е заплашување да се замолчат вработените - и за жал, делумно е успешно.“
Службениците можат да ги пријават колегите кои објавуваат информации во јавноста
Директорката на националното разузнавање Тулси Габард, исто така, минатата недела најави дека агресивно ќе ги гони оние кои „неовластено“ објавуваат информации во медиумите. Иако претходно изрази сочувство за свиркачот Едвард Сноуден, таа сега вели:
„Политички мотивираните протекувања ја поткопуваат националната безбедност и довербата на граѓаните и нема да бидат толерирани.“
Канцеларијата на директорот отвори и специјална линија за укажувачи - така што вработените во разузнавачкиот сектор можат анонимно да ги пријават колегите за потенцијално неовластено однесување.
Но, вработените во Одделот за домашна безбедност (DHS) тврдат дека повеќето од оние кои контактираат со новинарите го прават тоа не од политички мотиви, туку од јавен интерес.
„Слободата на говорот и слободата на печатот се од суштинско значење за транспарентноста и одговорноста, особено во климата на нестабилност создадена од оваа администрација“, рече еден функционер на DHS. „Изразувањето загриженост е дел од нашето уставно право. Секоја влада мора да дозволи вработените да се чувствуваат слушнати, а не замолчени.“
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата