Зајакнувањето на европската одбранбена индустрија и подобрувањето на воената мобилност бараат дополнителни средства, поради што е потребно издвојувањата за одбраната да бидат поголеми од сегашната цел на НАТО за најмалку два отсто од националниот БДП на секоја земјата членка, смета врховниот командант на НАТО за трансформација, францускиот адмирал Пјер Вандие.
- Треба да одвојуваме повеќе. Во следните 18 месеци на маса ќе биде ставена цел за три отсто од од БДП, вели Вандие во интервју за бриселскиот портал „Политико“, посочувајќи дека во време на Студената војна трошоците за одбраната изнесувале четири или пет проценти од БДП.
Според него, конфликтот во Украина, кој претставува комбинација на рововски борби и артилериски напади во стилот на Првата светска војна со користење на високотехнолошки дронови и проектили и кибер напади, ја наметнува потребата европските армии да ги ажурираат своите одбранбени планови, а тоа чини пари.
Вандие посочува дека за да победи во новата глобална трка во вооружување, Европа мора да презема поголеми ризици, да троши повеќе за одбраната, да биде поефикасна и да ја намали бирократијата.
- Европа не може да ја добие трката во вооружување со правилата што самата си ги наметна, вели Вандие во неговото прво интервју по преземањето на функцијата кон крајот на септември годинава.
Според него, барањата за „прекумерна усогласеност“ со регулативите во основа претставуваат пречки со кои се соочуваат европските производители на оружје.
- Ако (ЕУ) сака да остане во трката за вооружување, мора да ги смени правилата, нагласува францускиот адмирал.
Вандие оценува дека регулативите на ЕУ, кои се резултат на европскиот менталитет за намалување на ризиците, воспоставуваат процедури за вооружувањето што се „премногу бавни и недоволно флексибилни“
- Тоа прашање на психологија. Многу луѓе велат дека тоа не може да се направи, дека законските правила се такви, дека одредбите во Договорот (на ЕУ) се такви, вели Вандие, посочувајќи дека преземањето ризици е од фундаментално значење и дека Европа може да учи од американскиот пристап кон технологијата и иновациите.
Според него, во контекст на новата геополитика, на Вашингтон му е потреба силна европска одбранбена индустрија, која нема да биде само „подизведувач“ на американските компании.
- Време е да се разбудиме. Ние всушност можеме да направиме големи работи, што значи дека треба добро да ги користиме парите, да преземаме повеќе ризици и да пробаме повеќе работи, смета Вандие.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата