Три месеци пред предвремените парламентарни избори во Германија, претседателот на Христијанско-социјалната унија (ЦСУ) Маркус Содер повеќе не ја исклучува можноста за коалиција на ЦДУ/ЦСУ со Зелените, но наведе промена на миграциската политика на Зелените како услов за соработка, објавија денеска германските медиуми.
-Одлучувачко прашање е ставот на Зелените. Кога станува збор за миграциската политика, оваа партија е на сосема погрешен пат, вели претседателот на ЦСУ, помала, сестринска партија во Христијанско-демократската унија ЦДУ/ЦСУ, во интервју за неделникот „Стерн“.
Досега Содер експлицитно одбиваше да соработува со Зелените, пред се поради миграциската политика и неговото инсистирање за најбрза можна зелена трансформација на општеството.
ЦСУ, која е на власт во Баварија, се залага за максимално ограничување на миграцијата и отфрлање на потенцијалните баратели на азил на самата граница, што Зелените го отфрлаат.
Содер, кој е и баварски премиер, во исто време рече дека Унијата не треба да се врзува за една партија во изборната кампања.
- Силната врска со Зелените би ги оддалечила гласачите од конзервативното граѓанско милје, рече Содер.
Според последните истражувања на јавното мислење, убедливо на прво место е Унијата ЦДУ/ЦСУ, со поддршка од 32 до 37 отсто од гласачите. На второ место е десничарската АфД, со околу 17 до 19 отсто. На трето место е моментално владејачката Социјалдемократска партија на Германија (СПД) со околу 15 отсто и Зелените со околу 12 отсто поддршка.
Либерално-демократската партија (ФДП) се движи околу изборниот праг од пет проценти. /МИА
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата