Канада има 6.000 лица пријавени за заминување, но канадските власти ќе се обидат да стапат во контакт со уште 2.500 луѓе, изјави неименуван официјален претставник од кабинетот на Трудо и додаде дека нови летови ќе бидат воведени во понеделник и вторник.
- Имаме уште слободни места во авионите што ги организиравме. Ги повикуваме сите Канаѓани да резервираат место на овие летови и да го напуштат Либан додека уште можат, изјави Трудо на Самитот на франкофонските земји што се одржува во Франција.
Канада не успеала да ги пополни сите летови со свои граѓани, па понудила места на луѓе од Австралија, Нов Зеланд, САД и некои европски земји, изјави претставник од кабинетот на Трудо.
Израел во последните недели ги прошири своите напади врз Либан, по речиси една година размена на оган со либанската милитантна група Хезболах, поддржана од Иран. Борбите главно се ограничени на граничното подрачје меѓу Израел и Либан и се одвиваат паралелно со војната меѓу Израел и Хамас во Појасот Газа.
Трудо порача дека е неопходен итен прекин на огнот меѓу Хезболах и Израел заради стабилизирање на ситуацијата. /МИА
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата