logo
logo
logo

Трамп: Одржав„многу добар разговор“ со Путин за Украина и Блискиот Исток

Vecer | 10.03.2026

Трамп: Одржав„многу добар разговор“ со Путин за Украина и Блискиот Исток

Трамп синоќа им рече на новинарите дека претходно во текот на денот имал „многу добар разговор“ со Путин.

- Има огромна омраза меѓу претседателот Путин и (украинскиот) претседател Володимир Зеленски. Двајцата не можат ни да се погледнат, но сметам дека разговорот на оваа тема беше позитивен - рече Трамп.

Тој додаде дека Путин „сака да биде од корист“ во решавањето на конфликтот со Иран.

- Му реков: ‘Можеш да бидеш покорисен ако ставиш крај на војната меѓу Украина и Русија. Тоа би било покорисно - изјави Трамп на прес-конференција во својот голф-клуб во Флорида.

Советникот на Кремљ за надворешна политика Јуриј Ушаков разговорот го оцени како „многу суштински“, додавајќи дека „веројатно ќе има практично значење за идната работа меѓу двете страни“.

Според него, Путин изнел неколку идеи насочени кон брзо политичко и дипломатско решавање на конфликтот во Иран, вклучително и врз основа на контактите што ги имал со лидери од земјите од Персискиот Залив, со иранскиот претседател и со лидери на други држави.

Ушаков рече дека Трамп, исто така, ја изнел својата оценка за развојот на американско-израелската операција.

- Се одржа многу суштинска и, без сомнение, корисна размена на идеи - нагласи тој.

Ушаков додаде дека Трамп смета оти „брзото решавање на конфликтот во Украина со прекин на огнот и долгорочно решение“ е во интерес на САД.

Тој истакна дека руските сили „доста успешно напредуваат“ на фронтот и дека тоа треба да го поттикне Киев да започне преговори за решавање на конфликтот.

Двајцата претседатели разговарале и за ситуацијата во Венецуела.

Специјалниот претставник на рускиот претседател за инвестиционо-економска соработка со странство Кирил Дмитриев соопшти дека телефонскиот разговор траел еден час.

„Беа разгледани можни решенија за Украина и за иранскиот конфликт“, напиша тој на социјалната мрежа Икс. 

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk