Американскиот претседател Доналд Трамп вечерва одби да прецизира до кој степен е спремен да оди во обид да ги натера САД да го стекнат Гренланд, откако новинарите го прашаа за тоа на брифингот во Белата куќа по повод неговата прва година на функцијата.
„Ќе дознаете“, одговори Трамп отсечно кога го прашаа колку далеку е спремен Вашингтон да оди во тој процес.
Неговите изјави доаѓаат во време на зголемени тензии меѓу САД и Европа, додека Трамп повторно го зголемува притисокот околу Гренланд, наведувајќи безбедносни причини и заканувајќи се дека ќе воведе нови тарифи за европските земји.
Американскиот претседател најави воведување на тарифи од 10 проценти за стоки од осум европски земји додека не се постигне договор за, како што рече, „целосно купување на Гренланд“.
REPORTER: "How far are you willing to go to acquire Greenland?"
— Fox News (@FoxNews) January 20, 2026
TRUMP: "You'll find out." pic.twitter.com/pWN8YC8GFS
Опсесијата на Трамп со Гренланд
Тарифите би важеле за Данска, Норвешка, Шведска, Франција, Германија, Обединетото Кралство, Холандија и Финска, а според најавите на Трамп, тие би можеле да се зголемат на 25 проценти до јуни доколку не се постигне договор.
Гренланд, самоуправна територија во рамките на Кралството Данска, долго време е во центарот на вниманието на Трамп поради неговата стратешка позиција на Арктикот, богатите минерални ресурси и, како што тврди тој, растечкото присуство на Русија и Кина во тој регион.
И Копенхаген и Нук цврсто ја отфрлија секоја можност за трансфер на територија, нагласувајќи дека Гренланд е дел од Данска и дека неговиот суверенитет не е предмет на преговори.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата