Пред точно 155 години Алјаска премина од руска во американска сопственост, а денес се поставува прашањето дали историјата ќе беше поинаква доколку тоа не се случеше. САД ја купија Алјаска од Русија во март 1867 година за 7,2 милиони долари, откако Русија претрпе понижувачки пораз од Велика Британија, Франција и Отоманската Империја во Кримската војна.
Непријателство кон Британската империја
Џо Антонсон од историското друштво на Алјаска го става купувањето на Алјаска во 1867 година во контекст на растечкото американско присуство во регионот во тоа време и руското непријателство кон Британската империја.
- Русија не сакаше да ги продаде своите права на Алјаска на Британците бидејќи беше толку понижена во Кримската војна. Земјите, сепак, се согласија да не ја водат таа војна во Пацификот, изјавил Антонсон за Newsweek, додавајќи дека Русија не сакала да продолжи да инвестира во Алјаска.
Професорот Сонго Ха, експерт за раната американска историја на Универзитетот Енкориџ во Алјаска , вели дека е можно Алјаска да станела дел од Британската империја, но тој не верува дека Британците би ја анектирале Алјаска во 1860-тите, бидејќи територијата на Канада и Алјаска немаше да бидат практична опција за нив.
Тој, исто така, се сомнева во аргументот дека, доколку САД не ја купеле, Алјаска би можела да предизвика отворена војна меѓу руската и британската империја, кои веќе се натпреваруваа за влијание во Централна Азија.
- Не сум сигурен дека некоја земја би ја сметала Алјаска доволно важна за да ризикува да започне војна. Ако Алјаска и беше важна на Русија, никогаш немаше да ја продаде по толку ниска цена, вели тој.
База за советско нуклеарно оружје
Сепак, ако Алјаска останела руска, можела да го зајакне американскиот национализам и да дејствува како надворешна закана за обединувањето, вели Ха.
И Андерсон и Ха се согласуваат дека руската Алјаска можела да се користи како база за советско нуклеарно оружје за време на Студената војна, што би ги зголемило тензиите со САД.
- Алјаска е важна за САД поради нејзиното крајбрежје во Арктичкиот Океан и била клучна за ѕвечкањето на оружјето во Студената војна. САД имаа нуклеарно оружје таму во тој период, објаснува Андерсон.
Запрашан што ако Советите стационирале нуклеарно оружје, Ха одговара дека би можел да замисли како САД собираат ресурси и испраќаат војници и нуклеарно оружје на границата меѓу Канада и Алјаска за да ги одвратат Советите. САД го направија тоа во други области, како што се Јапонија и Кореја.
Професорот Ха, исто така, верува дека САД би одговориле „силно“ доколку Алјаска била под советска контрола за време на Студената војна, што би ги зголемило шансите за директен конфликт меѓу Вашингтон и Москва.
- Историски гледано, САД жестоко реагирале на она што го сметаат за закана за безбедноста на нивната територија. Американското учество во многу војни со домородното население, интервенциите во Мексиканската револуција и инвазијата на Куба го потврдуваат тоа.
„Што ќе ви е Алјаска?
Рускиот претседател Владимир Путин во 2014 година рече дека Русија не е заинтересирана за враќање на Алјаска на прашањето на новинар кој рече дека Русите би биле „многу среќни ако тоа се случи“.
- Што ќе ви е Алјаска? – праша Путин, а пренесе Вашингтон пост.
- Алјаска е продадена во 19 век. Луизијана беше продадена на САД од Французите во исто време. Илјадници квадратни километри се продадени за 7,2 милиони долари, но во злато, рече тогаш.
Тој го опиша купувањето како „евтино“ и рече дека луѓето не треба да се „вознемируваат“ поради Алјаска.
Во јули истата година, руските власти почнаа да зборуваат за враќање на Алјаска во Русија. Вјачеслав Володин, близок сојузник на Путин и претседател на Државната дума, рече дека Русија би можела да ја врати територијата како одговор на западните санкции по инвазијата на Украина.
– Доколку американските пратеници се обидат да го присвојат нашиот имот во странство, треба да бидат свесни дека и ние имаме што да бараме, рече Володин, а пренесува АП.
Тој претходно сугерираше дека Москва може да ги заплени имотите на „непријателските“ земји во Русија како одговор на предлогот на САД да ги продаде запленетите средства на руските олигарси.
Овој месец двајца Руси беа приведени откако со брод пристигнаа на островот Св. Лоренс, на Алјаска.
Овој остров е оддалечен 60 километри од руското копно и е поблиску до Русија отколку до остатокот од Алјаска.
Американската и руската крајбрежна стража претходно се договорија да соработуваат за поморската безбедност и загадувањето во Беринговото Море.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата