Германскиот канцелар Олаф Шолц, критикуван за неговиот телефонски разговор со рускиот претседател Владимир Путин, денеска ја потврди поддршката на Германија за Украина и даде уверување дека нема да се донесе одлука за исходот од војната во Украина без Киев.
- Украина може да смета на нас, тоа е принципот кој преовладува, и нема да се носи никаква одлука без Украина, рече Шолц на аеродромот во Берлин пред да замине на Самитот на Г-20 во Рио де Жанеиро, пренесува Бета.
За разговорот со Путин, Шолц кажа дека му повторил на рускиот претседател дека не треба да смета на опаѓање на поддршката за Украина од Германија, Европа и многуте други сојузници во светот.
Според германскиот канцелар, не би било добра идеја во блиска иднина да има разговори меѓу американскиот и рускиот претседател, без во нив да биде вклучен и Киев.
Пред два дена Шолц телефонски разговараше со Путин за војната во Украина, првпат во последните две години. Владиниот портпарол Штефен Хебстрајт рече дека во разговорот Шолц ја осудил „руската агресивна војна против Киев“ и го повикал Путин да ја прекине со повлекување на трупите кои извршија инвазија на Украина во февруари 2022 година.
Германскиот канцелар Олаф Шолц во неделата го одбрани телефонскиот разговор со рускиот претседател Владимир Путин кој наиде на остри критики од украинскиот претседател Володимир Зеленски.
„Важно беше да се каже и дека тој (Путин) не треба да смета на опаѓање на поддршката за Украина на Германија, на Европа и на многу други во светот“, рече Шолц во Берлин пред да замине на самитот на Г-20 во Рио де Жанеиро. .
Шолц рече дека во повикот, упатен во петокот, му рекол на Путин „дека сега е на него да се погрижи војната да дојде до крајот“.
Разговорот беше најавен многу однапред, рече тој. Беше опширна, но исто така доведе до признавање „дека не се промени многу со рускиот претседател во однос на неговите ставови за оваа војна - што не е добра вест“, рече Шолц.
Тој изрази став дека не би било добра идеја во блиска иднина да има разговори меѓу американскиот и рускиот претседател, а шефот на владата на важна европска земја самиот да не води разговори.
Се чинеше дека Шолц мислеше на забелешките на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп за време на неговата кампања дека тој брзо ќе ја прекине војната преку договор со Русија.
Шолц ја презеде иницијативата телефонирајќи му на Путин во петокот, водејќи разговори со рускиот лидер за прв пат од декември 2022 година. Во повикот, тој го повтори барањето руските сили да се повлечат и Москва да покаже подготвеност за мировни преговори.
Зеленски изрази огорченост на телефонскиот повик. „Според мое мислење, повикот на Олаф ја отвора Пандорината кутија“, рече тој во видео пораката објавена на платформите на социјалните мрежи.
„Сега може да има други разговори, други повици... и токму тоа го сака Путин долго време. За него е клучно да ја ослабне својата меѓународна изолација, изолацијата на Русија“, рече Зеленски./МИА
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата