Поддржувачи на руската опозиција во егзил, предводени од Јулија Навална, сопругата на Алексеј Навални, кој во февруари почина под необјаснети околности во затвор, се собраа денеска на марш во Берлин против војната во Украина и против рускиот претседател Владимир Путин, пренесува Бета.
Протестниот марш, кој како што велат организаторите има за цел да го заживее отпорот против Путин и војната во Украина, започна со извици „Не за војна“, „Русија без Путин“ и „Русија ќе биде слободна“.
- Важно е да се покаже дека Русите и оние кои зборуваат руски не се за Путин, како што се верува во очите на целиот свет, туку дека ги бранат и либерално-демократските вредности, дека се против војна и убиства, истакнаа учесниците на маршот.
Маршот во Берлин, град кој прими голем број прогонети Руси и противници на власта, заврши пред Амбасадата на Русија. Организаторите проценувваат дека имало околу 2.000 луѓе.
Опозицијата, која го загуби својот лидер Алексеј Навални, нема можност да дејствува во Русија и затоа беше принудена да го рестартира движењето од странство.
Последните големи собири на поддржувачи на опозицијата во Русија беа за време на погребот на Навални во март 2024 година и на самиот почеток на инвазијата на Украина во февруари 2022 година./МИА
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата