logo
logo
logo

Полека, но сигурно РАСТЕ ПОДДРШКАТА за Русија во ОН

Vecer | 15.11.2022

Полека, но сигурно РАСТЕ ПОДДРШКАТА за Русија во ОН

Огромно мнозинство членки на Обединетите нации поддржаа резолуција со која се бара Русија да биде повикана на одговорност поради кршење на меѓународното право и да плати отшета поради инвазијата врз Украина. Но, против резолуцијата се изјаснија речиси тројно повеќе земји отколку на претходното гласање во март за осуда на руската инвазија врз Украина.

 Русија мора да сноси правни последици за сите свои меѓународно противправни дејствувања, вклучувајќи и надомест за штета предизвикана од таквите акции – се наведува во резолуцијата.

Резолуциите на Генералното собрание на ОН не се обврзувачки, но земјите го користат гласањето јавно да поддржат страна во спорот.

За новата резолуција, предложена од 50 земји, со која се бара воена отшета и одговорност од Русија, гласаа 94 земји, 14 беа против, а 73 беа воздржани. Покрај Русија, против резолуцијата се изјаснија и Бахамите, Белорусија, Централна Африканска Република, Кина, Куба, Северна Кореја, Еритреја, Етиопија, Иран, Мали, Никарагва, Сирија и Зимбабве.

Кога во март во Генералното собрание на ОН се гласаше за осуда на руската воена инвазија врз Украина, против се изјаснија пет земји – Руската Федерација и нејзините најблиски сојузници Белорусија, Северна Кореја, Сирија и Еритреја. Отворено на страната на Русија овој пат беа уште девет членки на ОН, вклучувајќи ја и Кина.

Повеќе од двојно, од 35 на 73, е зголемен и бројот на земји што се воздржаа и од осуда и од поддршка за Русија. И на гласањето во понеделникот и на она во март Србија беше единствената воздржана земја од Европа, не сметајќи ги Русија и Белорусија.

Израел, Бразил, Египет, Индонезија и Нигерија се меѓу земјите што во март ја осудија руската агресија, а завчера беа воздржани.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

TailoredCV
logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk