Едвард Џејмс (63) е егзекутиран синоќа во затвор во Флорида поради убиство на осумгодишно девојче и нејзината баба во 1993 година. Затворските власти соопштија дека тој бил прогласен за мртов во 20:15 часот, откако му била вбризгана смртоносна инјекција, објави АП.
На 19 септември 1993 година, во градот Каселбери, во близина на Орландо, Џејмс ги убил Тони Нојнер (8) и нејзината баба Бети Дик (58), откако консумирале алкохол и дрога.
Девојчето било силувано и задавено, додека нејзината баба била избодена 21 пат.
Џејмс потоа ги украл нејзините вредни работи и автомобил, со кои избегал од државата. Уапсен е на 6 октомври истата година во Калифорнија. Иако ја признал вината, судот го осудил на смрт.
Џејмс со години поднесувал жалби, тврдејќи дека неговата ментална состојба е нарушена поради долгорочна употреба на дрога и алкохол, како и срцевиот удар што го доживеал во 2023 година, но сите барања за помилување се одбиени.
Семејството на жртвите изрази олеснување по егзекуцијата. Џејмс е вториот човек погубен на Флорида оваа година, а следното погубување е закажано за 8-ми април.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата