Европската комисија официјално ги повика граѓаните на Европската унија да ги подготват основните резерви на храна и вода најмалку 72 часа во случај на кризни околности.
Можните сценарија вклучуваат „конфликти со странски сили“, сајбер напади, природни катастрофи и зголемени геополитички тензии.
Според новата европска „стратегија за подготвеност“, се препорачува граѓаните да имаат подготвени лични документи, радиоприемници за кратки бранови и лекови.
Се разбира, сето тоа е поврзано со ескалацијата на тензиите на истокот и почнува да се претвора во воена хистерија - иако во официјалната објава се споменуваат бројни други потенцијални фактори.
Брисел нагласува дека целта е да се зајакне отпорноста на кризи кои може да вклучуваат пандемии, екстремни временски настани поврзани со климатските промени, па дури и инвазија.
Комесарот за управување со кризи, Хаџа Лахбиб, истакна дека Европа се соочува со „комплексни закани“, од војна, до сајбер напади, до „странска манипулација со информации“. Таквата претпазливост тој ја нарекува „новиот европски начин на живот“.
Документот на Европската комисија ја нагласува важноста од одржување на основните услуги како што се здравствената заштита, водата за пиење и енергијата.
Истовремено, се најавува воведување „Европски ден на подготвеност“ со цел, заедно со вклучувањето на овие теми во училишните програми, да се подигне јавната свест за потребата од превентивно делување.
Тоа се однесува и на искуствата на земјите кои веќе имаат развиени системи за предупредување и цивилна одбрана, како што се Франција, Финска и Шведска.
Тензиите околу Русија остануваат во центарот на европските безбедносни дебати, особено откако конфликтот во Украина покрена нови сомнежи и стравувања кај земјите-членки.
Сепак, официјален Кремљ постојано изјавува дека нема намера воено да им се заканува на членките на НАТО или ЕУ, тврдејќи дека западните тврдења за „агресивни планови“ се користат само за зголемување на воените буџети и ширење на нелагодност меѓу европските граѓани.
Како и да е, комесарот Лахбиб предупреди дека за време на тригодишниот конфликт во Украина е јасно видено дека „бомбите, беспилотните летала и рововите не се далеку од границите на Европа“.
Затоа, Комисијата предлага формирање на „стратешки резерви“ и специјализирана опрема за одбрана од хемиски, биолошки, радиолошки и нуклеарни закани.
Ова вклучува набавки на медицинска опрема, противпожарни авиони и преносливи болници.
Во исто време, документот ја нагласува потребата да се зајакне одговорот на сè почестите климатски катастрофи.
Поплавите, топлотните бранови и шумските пожари, кои зафатија бројни земји од ЕУ во последните години, бараат побрзи и покоординирани мерки.
Токму затоа, Комисијата планира да формира централен „кризен штаб“ на ниво на ЕУ, со цел да се одржи континуитетот на клучните услуги како што се снабдувањето со енергија и телекомуникациите.
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, презентирајќи го овој план, истакна дека „новата реалност бара ново ниво на подготвеност“ и дека е клучно и граѓаните и економијата да можат да се справат со непредвидливи кризи.
На нејзините изјави се надоврзува и ставот на новиот американски претседател Доналд Трамп, кој - и покрај формалните обврски од НАТО - ја повика Европа самостојно да ги зајакне сопствените одбранбени капацитети.
Овој потег на Европската комисија е дел од поширок обид за постојано мобилизирање на населението против „трајните надворешни закани“.
Во земји како Шведска и Финска, овој тип на цивилна заштита постои со години – граѓаните редовно добиваат летоци и инструкции за тоа што да прават во различни итни ситуации, вклучително и можноста за воена состојба.
Сега пошироката Европска унија сака да ги имитира овие модели, а планирана е и размена на постоечка експертиза на ниво на целиот блок.
Без разлика како е „спакувана“ оваа нова најава, факт е дека сме сведоци на се поголема атмосфера на страв - страв кој би бил целосно неоправдан во однос на проширувањето на војната доколку сите страни искрено го поддржат мировниот процес за Украина, но, вклучително и на денешната средба во Париз, гледаме дека тоа не е така.
Извори: apnews.com|politico.eu|CNN|telegraph.co.uk
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата