Подводниот кабел за електрична енергија што ги поврзува Финска и Естонија од вчера не е во функција.
Гардијан пренесува дека ова го соопштил финскиот премиер Петери Орпо. Британскиот весник наведува дека ова е последен во низата инциденти поврзани со кабли, гасоводи и нафтоводи во Балтичкото Море.
Арто Пахкин, менаџер на финската електрична мрежа „Фингрид“, за јавниот медиумски сервис „Yle“ изјавил дека не е исклучено да се работи за саботажа.
Премиерот Орпо рече дека снабдувањето со електрична енергија во Финска не е загрозено.
– Властите остануваат будни и за време на Божиќ и истражуваат што се случило – напиша Орпо на социјалната мрежа Х. „Фингрид“ изјави дека во средата бил прекинат кабелот „ЕстЛинк 2“, кој ја снабдувал Естонија со струја.
Сличен инцидент се случи и минатиот месец кога беа исечени два телекомуникациски кабли во Балтичкото Море, кои ги поврзуваа Шведска и Данска.
Сомнежот брзо падна на кинескиот брод „Џи Пенг 3“, кој, според податоците од веб-страниците за следење на бродовите, во моментот на нивното сечење бил над каблите.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата