Во последниот викенд пред претседателските избори во САД, демократката Камала Харис и републиканецот Доналд Трамп ќе се обидат да добијат што е можно поголема поддршка од гласачите во Северна Каролина, една од клучните држави за исходот на изборите.
Ова ќе биде четврти ден по ред како потпретседателката Харис и поранешниот претседател Трамп ја посетуваат истата држава во ист ден, истакнувајќи ја важноста на седумте клучни држави кои најверојатно ќе го одлучат исходот од изборите. Анкетите покажуваат дека ова е досега најнеизвесната претседателска трка.
Околу 70 милиони Американци досега ја искористиле можноста за предвремено гласање, што е помалку отколку во 2020 година, кога се одржаа изборите за време на пандемијата на Ковид-19.
Сабота е последниот ден од предвременото гласање во Северна Каролина, каде што досега гласале 1,8 милиони гласачи.
Харис планира митинг со рок ѕвездата Џон Бон Џови во Шарлот, најголемиот град во Северна Каролина, кој ја дели втората најголема награда меѓу сојузните држави со Џорџија со 16 избирачи. Кандидатот кој ќе освои 270 електори, апсолутно мнозинство од 538, станува претседател.
„Имаме можност на овие избори да ја свртиме страницата и да ја завршиме ерата кога Доналд Трамп го трошеше целото свое време да ги тера Американците да го вперуваат прстот еден кон друг“, рече Харис вчера во Висконсин.
Северна Каролина го поддржа Трамп во 2020 година, но истиот ден избра демократски гувернер.
Трамп ќе одржи митинг во денеска напладне во Гастонија, западно од Шарлот, а потоа навечер ќе зборува во арената Гринсборо со 22.000 седишта.
„На овие избори ќе треба да избереме меѓу уште четири години колосална неспособност и неуспех и почетокот на најголемиот четиригодишен период во историјата на нашата земја“, им рече Трамп на приврзаниците во Мичиген.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата