Израелската полиција го уапси Елиезер Фелдштајн, висок функционер и помошник на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, за наводно објавување доверливи разузнавачки информации до странски медиуми со намера да го саботира договорот со Хамас за примирје и ослободување на заложниците, пренесоа денеска западните медиуми.
Лидерите на израелската опозиција обвинуваат висок функционер од кабинетот на Нетанјаху за „фалсификување“ на разузнавачки информации како дел од поширок план за саботирање на договорот за прекин на огнот со Хамас и ослободување на израелските заложници кои ги држат палестинските милитанти во Појасот Газа, пренесува Си-Ен-Ен.
Истрагата се фокусира на обвинувањата дека кабинетот на премиерот го промовирал во странските медиуми тврдењето дека Хамас планира да прошверцува киднапирани лица од Појасот Газа во Египет и со тоа да создаде поделби во израелското општество. Елиезер Фелдштајн, кој опозициските политичари го идентификуваа како помошник на Нетанјаху, е еден од неколкуте луѓе кои се под истрага за објавување на „класифицирани и чувствителни разузнавачки информации“, се вели во судските поднесоци.
Портпаролот на Нетанјаху негираше дека имало протекување од кабинетот на израелскиот премиер, очигледно мислејќи на Фелдштајн, наведувајќи дека „дотичната личност никогаш не учествувала во разговори за безбедноста“./МИА
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата