Трамп во вчерашниот телефонски разговор со лидерите од Коалицијата на подготвените, според неименуван извор, побарал од европските држави да извршат економски притисок врз Кина поради нејзината поддршка за Москва и да не купуваат руска нафта, бидејќи тоа помага во финансирањето на војната во Украина.
- Кина не е причина за таа криза, ниту е страна во неа. Цврсто се спротивставуваме на овој тренд на споменување на Кина за сè и цврсто се спротивставуваме на така наречениот економски притисок, изјави портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Гуо Џиакун.
Кина никогаш не ја осуди руската инвазија врз Украина и се претставува како неутрална страна и потенцијален посредник во конфликтот. Пекинг редовно е обвинуван од Западот дека ѝ помага на Русија да ги заобиколи западните санкции, особено со тоа што ѝ дозволува да се стекне со технолошки компоненти потребни за производство на оружје.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата