Се вклучија сирените за тревога во Тел Авив, балистички проектил на Хезболах со висок дострел за прв пат проби до околината на главниот град на Израел – според наведеното целта била седиштето на Мосад, но софистицираната изрлаеска воздушна одбрана го спречила проектилот кој беше лансиран од територија на Либан на време – според информациите од терен, нема жртви ниту штета.
Во изминатотот деноноќие милитантното движење истрела околу 300 проектили, дел од нив и кон пограничниот израелски град Сафед, кој е највисока точка во регионот Галилеја – одбранбениот систем повеќето ги собори, но некои сепак предизвикаа штета..
По најавите за нови воздушни напади на израелската војска, граѓаните од југот на Либан веќе масовно се евакуираат, патиштата се целосно блокирани од сообраќај, илјадници спасот велат ќе ја бараат преку граница во Сирија.
-Ситуацијата е тешка и застрашувачка, не може децата да се изложат на таква состојба. / Предизвика голем страв за децата, на работ се, ако слушнат врата како треска веднаш ги фаќа паника.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во обраќање им порача на Либанците дека оваа војна се води против Хезболах, а не со нив, но сепак ги предупреди.
-Ние ќе продолжиме да го напаѓаме Хезболах, а на луѓето од Либан им порачувам, нашата војна не е со вас, нашата војна е со Хезболах. Насралах ве води на работ на бездна,- Нетанјаху – Премиер на Израел.
Според универзитетскиот професор Методи Хаџи Јанев состојбата исклучително неизвесна, а Либан е на пат да стане втора Газа. Смета дека постои можност за ескалација, но само на регионално ниво, доколку не се вмеша Иран.
-Мислам дека, ако овој контакт остане во овие рамки нема да може да ескалира, ќе остане на регионот, меѓутоа но доколку се вмеша Иран, во тој случај секако ќе гледаме вмешување и на многу поголеми играчи како САД, што всушност не е добро за светот. На Иран му е од интерес да се вмеша, затоа што тој ќе ги загуби продолжените пипци или продолжените раце на Блискиот Исток и ќе мора да се соочи да остане сам,- -Методи Хаџи Јанев – Универзитетски професор.
Во меѓувреме од советот за безбедност на ОН каде меѓународната заедница бара деескалација на состојбата, пристигнаа нови обвинувања на сметка на Израел. Шефовите на дипломатиите на Египет, Ирак и Јордан предупредуваат дека Израел го турка регионот во војна.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата