Претседателот Масуд Пезешкијан потпиша закон со кој Иран најавува прекин на соработката со Меѓународната агенција за атомска енергија (ИАЕА). Оваа одлука, која ја пренесуваат медиумите од Техеран, е резултат на закон кој парламентот го усвои минатиот месец.
Според досегашните информации, законот треба дополнително да го потврди Врховниот совет за национална безбедност за да стапи на сила. Овој чекор најверојатно ќе предизвика нови тензии меѓу Техеран и меѓународната заедница, особено околу прашањата за пристап и транспарентност во однос на иранските нуклеарни активности.
Новата мерка е донесена во контекст на растечките недоразбирања со Соединетите Американски Држави и Израел. Техеран тврди дека израелските обиди да го спречат напредокот на иранската нуклеарна програма биле причина за неодамнешните судири.
Иран постојано ги негира обвинувањата дека работи на развој на нуклеарно оружје, нагласувајќи дека целите на нуклеарната програма се исклучиво мирољубиви и цивилни.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата