Германија не ја затвори канцеларијата на руската телевизија Канал 1, а двајцата новинари на кои им беше наредено да ја напуштат земјата не ги исполнувале законските услови за престој во земјата, изјави денеска портпаролот на германското Министерство за надворешни работи, цитиран од ДПА.
-Руските новинари можат слободно и непречено да известуваат за вести во Германија. Голем број руски новинари се акредитирани од Федералната канцеларија за печат и информации, рече портпаролот. Тој нагласи дека канцеларијата за медиуми во Берлин не е затворена.
Претходно денеска руското Министерство за надворешни работи соопшти дека ќе протера дописник и снимател од германската телевизија А-Ер-Де како одмазда за затворањето на канцеларијата на Канал 1 во Берлин и протерувањето на двајца руски новинари.
Портпаролот на германската влада посочи дека правото на престој во земјата е работа со која се занимаваат државните органи.
-Работата како новинар не ви прави ништо добро ако не ги исполнувате условите за престој, додаде тој.
Германското Министерство за надворешни работи останува во близок контакт со германските новинари во Москва поради загриженоста дека Русија презема многу „тешки акции“ против претставниците на медиумите, рече портпаролот на Министерството. /МИА
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата