logo
logo
logo

Вечер Анализа

Гардијан: Европа не сака војна против Русија, Франција и Германија се држат на страна

Vecer | 06.02.2022

Гардијан: Европа не сака војна против Русија, Франција и Германија се држат на страна

Плановите на САД и НАТО да се концетрира огромна воена сила ан границите на Русија и Украина како закана за можната руска интервенција во Украина ја поделија Европа. На страна помалите држави, големите и силни Франција и Германија одбиваат да земат активно учество во тие планови.

Во украинската криза на површина испливаа различните ставови за Русија во рамките на НАТО, вели британски Гардијан.

Прашањето дали е одржливо единството на западната алијанса против Русија во украинската криза сѐ повеќе ги вознемирува политичарите и дипломатите поради стравот дека Германија и, до одреден степен Франција, би можеле да се разидат со САД и Велика Британија. Поделбите се видливи не само по повод одговорот на каква било идна руска агресија против Украина, туку и во нивната процена за неминовноста на заканата.

Се прават сите напори разликите внатре во НАТО да се сведат на минимум, вклучително и преку редовни повици како оние што ги води американскиот претседател Џо Бајден. Сепак, тие можеби ќе бидат неизбежни затоа што се одраз не само на различни краткорочни проценки на разузнавачките податоци, туку и на длабок јаз што досегнува до неколку децении наназад околу она што Германија и Франција, за разлика од англосферата, го сметаат за најдобар начин за справување со Русија, вели Гардијан.

Франција, според истите разузнавачки информации доставени од ЦИА, не гледа скора инвазија или собирање сили опремени за напад во следните три недели - што е процената на најдобрите украински воени аналитичари.

Иако САД и Велика Британија почнаа да испраќаат оружје во Украина, германскиот канцелар Олаф Шолц ја отфрли можноста за испраќање „смртоносно оружје“ од историски причини. Германија исто така се залага и за отворање на новиот гасовод за рускиот гас, кој ќе ја заобиколи Украина и ќе ја лиши од толку потребните транзитни такси.

Британската министерка за надворешни работи Лиз Трас отворено ја критикува Германија дека станува толку зависна од руската енергија, како и неодамнешното одбивање на Берлин да ѝ овозможи на Естонија во Украина да испрати оружје произведено во Германија.

„Идејата Германија да обезбедува оружје што ќе се користи против Русија за прв пат по Втората светска војна е анатема“, се вели во анализата на Гардијан.

Полскиот премиер Матеуш Моравјецки на Фејсбук објави дека е загрижен поради блокадата за Естонија.

Во САД однесувањето на Германија особено ги лути републиканците, а Волстрит џурнал објави наслов „Дали Германија е сигурен американски сојузник? Најн“.

Гардијан оценува дека овие тензии одразуваат две различни толкувања за тоа како, дури и сега, е можно да се спречи Русија да стане сила непријателски настроена кон Западот.

„Различните проценки на Берлин, Вашингтон, Париз и Лондон за тоа како да се изгради нешто стабилно од урнатините на постсоветска Русија отсекогаш се менувале, при што престолнините заземаат различни позиции во различни периоди“, се вели во анализата.

Сепак, централен играч во односите на Европа со Русија е Германија, како што е уште од обединувањето.

Гардијан наведува дека библиотеките се полни со книги за тоа зошто Германија зазема толку тврдоглаво простувачки став кон Владимир Путин, а најновата е наречена „Германскиот проблем на Русија“ од Џон Лох. Тој изнесува цела низа мрежи - комерцијални, политички, културни и интелектуални - меѓу германската и руската елита, а и објаснува дека Путин игра на картата на германската вина за војната и одбива да возврати на нејзиното простување.

Германија има поблиски економски врски со Москва од која било голема западна сила и половина од својот природен гас купува од Русија. Ова долго време беше силен поттик за Берлин да не ги расипува односите со Москва.

Германците, кои од Втората светска војна имаат длабока историја на пацифизам, има многу помала веројатност да поддржат суров воен пристап отколку Британците, Французите или Американците, оценува Ројтерс.

„На чија страна сте вие?“

Украинците толку беа благодарни за британската воена помош што пристигна минатата недела што химната на Обединетото Кралство стана популарна на Твитер, а една винарница во западна Украина нудеше бесплатни пијалаци за британските граѓани.

Сепак, соочени со заканата од руска инвазија, како што се плашат, Украинците имаат сѐ помалку доверба во поддршката на Германија, поблискиот и поголем пријател. Шефот на германската морнарица Каи-Ахим Шенбах минатата недела изјави дека Путин заслужува почит и дека Крим никогаш нема да ѝ биде вратен на Украина, по што поднесе оставка. Сепак, следуваа брзи и емотивни реакции.

„Ваквиот снисходлив став потсвесно ги потсетува Украинците на ужасите на нацистичката окупација, кога Украинците беа третирани како подлуѓе“, изјави украинскиот амбасадор во Германија Андреј Мелник. Тој ја критикуваше „германската ароганција и мегаломанија“.

Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба изјави дека дејствијата на Германија го поттикнуваат Путин да нападне.

„Затоа, се поставува прашањето на чија страна е Германија денес. На страната на слободата, што значи – Украина, или на страната на агресорот?“, рече градоначалникот на Киев и поранешен светски шампион во бокс Виталиј Кличко.

Тој одлуката на Германија да испрати 5.000 воени шлемови во Украина ја отфрли како „смешна“. Германската министерка за одбрана Кристин Ламбрехт рече дека Берлин на тој начин одговара на барањето на владата во Киев.

Амбасадорот Мелник го поздрави овој „симболичен гест“, но рече дека не е пригоден бидејќи на неговата земја ѝ е потребна опрема за стотици илјади војници и дека шлемовите не се најитната ставка. Кличко, кој со години живееше во Германија, рече дека однесувањето на германската влада го остава без зборови.

„Министерството за одбрана очигледно не разбира дека сме соочени со совршено опремени руски сили, кои во секој момент можат повторно да ја нападнат Украина“, изјави тој за германски Билд.

„Каква друга поддршка ќе ни даде Германија?“, рече тој. „Перници?“

Кризата е првиот голем надворешнополитички тест за Шолц, кој минатата година ја презеде функцијата канцелар од Ангела Меркел, која беше позната по нејзиниот цврст, но прагматичен став кон Русија.

Политичарката од десниот центар често заземаше остар политички став за човековите права и Украина, но даваше зелено светло за гасоводите.

Централнолевичарската СПД на Шолц има историја на промовирање блиски врски со Русија, вклучително и деловни. Поранешниот социјалдемократски канцелар Герхард Шредер од политичката веднаш скокна во кариера на лобист за руските енергетски компании. Во моментов е претседател на одборот на директори на руската нафтена компанија Роснефт.

Помалите коалициски партнери на Шолц, зелените и либералите, се залагаат за построг став, но коалицијата мора да ги испегла разликите во јавноста.

Воената моќ е зла и бескорисна

Ројтерс ги цитира резултатите од анкетата на Пју центарот од 2020 година дека обичните Германци речиси двојно повеќе од Американците сакаат поголема соработка со Русија. Анкетата објавена од агенцијата Сивеј минатиот месец покажа дека повеќе од половина од граѓаните на источна Германија и 35 отсто од западна Германија сакаат соработка, додека само 22 отсто од Германците се за конфликтен пристап.

„Тоа има многу врска со фактот дека Германците ја доживуваат воената моќ не само како зло, туку и како бескорисна“, рече Марсел Дирсус од Институтот за безбедносна политика на Универзитетот Кил. „И многумина веруваат дека голем дел од неодамнешната воена акција на Западот беше неуспех, кој предизвика катастрофални последици.“

Берлинката Кристина Малер (84) за Ројтерс изјави дека се согласува со поранешниот шеф на морнарицата дека ставовите на Русија се важни.

„Потребна ни е Русија и не треба да ја провоцираме. Ние предизвикавме две светски војни и никого не треба да снабдуваме со оружје. Јас преживеав една од нив, знам за што зборувам“, рече таа.

Кога Русите го анектираа украинскиот полуостров Крим во 2014 година, Меркел ги поддржа санкциите против Москва и испрати помош до Киев. Сепак, Германија во голема мера ги игнорираше апелите на Киев да се откаже од гасоводот Северен тек 2.

Берлин, исто така, се спротивстави на некои предлози за построги санкции, вклучително и исклучување на Русија од системот за плаќање СВИФТ.

Кремљ: Санкциите за Путин би биле политички деструктивни

Русија предупреди дека воведувањето санкции на Путин лично нема да му наштети на претседателот, но дека тоа ќе биде „политички деструктивно“.

Бајден рече дека директните санкции кон Путин, иако необичен потег, може да се сметаат за дел од напорите на Вашингтон и сојузниците да ѝ покажат на Москва дека новата агресија против Украина ќе има огромна цена.

Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков порача дека американските конгресмени и сенатори што разговараат за санкции против водечките руски лидери не се свесни за фактот дека ним со закон им е забрането да поседуваат имот или банкарски сметки во странство.

„Индивидуалните санкции против Путин не би биле болни, туку политички погубни“, рече Песков.

Њујорк тајмс наведе и дека не е јасно на какви конкретни казнени мерки мислел Бајден и колку таквиот потег би му наштетил на Путин. Иако се верува дека рускиот лидер има значително лично богатство, сосема е неверојатно дека тоа се наоѓа во САД, бидејќи имотот на Путин не само што е добро скриен од Американците, туку и внатре во Русија, посочува весникот.

„Поголем дел од неговото лично богатство веројатно формално е во сопственост на неговите ортаци“, рече Џејмс Никси, директор на програмата Русија-Евроазија во Чатам хаус во Лондон.

Кога изби полемиката за луксузниот имот на брегот на Црно Море за кој се тврдеше дека му припаѓа на Путин, веднаш скокна рускиот милијардер Аркадиј Ротенберг и рече дека тој е сопственикот.

Забраната за патување исто така би имала ограничено влијание, велат експертите.

„Тие можат само да го спречат Владимир Путин да оди на одмор во Дизниленд“, рече Џефри Скот од Институтот за меѓународна економија Петерсон во Вашингтон.

„Ваков вид активност претходно беше преземена против водачите на силите од пониската класа, а не против големите ривали, бидејќи со нив сепак треба да разговарате“, изјави Скот за Њујорк тајмс. „Тоа нема да промени ништо.“

Експертите велат дека е тешко да се спроведат лични санкции против лидери како Путин. Никси верува дека веројатно би било поефикасно „да се таргетираат луѓето од потесниот круг на Путин“. Тие очигледно имаат имот во странство, редовно патуваат, купуваат и ги испраќаат своите деца на училиште надвор од Русија.

„Ако неговите најблиски соработници не можат да живеат како што сакаат, тогаш Путин на долг рок би можел да се најде под притисок“, рече Никси, додавајќи дека санкциите против најблиските луѓе на Путин досега не биле остри.

Другите казни насочени кон руските енергетски компании и банки би биле повеќе болни, но тие може повеќе да ѝ наштетат на Европа, која третина од својот природен гас добива од Русија.

„Прашањето е дали САД и Европа се подготвени да ја платат таа цена“, вели Марина Шагина од Финскиот институт за меѓународни односи.

Ројтерс пишува дека САД во последните денови преговараат со големите производители на енергија, земји и компании низ целиот свет, во врска со можното пренасочување на залихите кон Европа во случај Русија да ја нападне Украина.

Како очигледен показател за тоа колку енергетската зависност од Русија влијае на односите на европските престолнини со Москва, италијанските деловни лидери, вклучително и претставници на државната енергетска компанија Енел, Уникредит банка и водечката осигурителна компанија Џенерали, одржаа видеоконференција со Путин и покрај повиците од Владата во Рим да го откаже учеството.

„Би сакал да нагласам дека Италија ја сметаме за еден од водечките економски партнери“, рече Путин во својот воведен говор, нагласувајќи дека италијанските енергетски компании имаат корист од долгорочните договори за снабдување со Газпром.

Ова се 15-те НАЈЧИТАНИ ПОРТАЛИ ВО МАКЕДОНИЈА! Тие се јавното мислење

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk