Францускиот парламент денеска ќе гласа недоверба на владата на премиерот Франсоа Бајру, и покрај неговите напори во текот на викендот да обезбеди мнозинство за поддршка на неговата влада, опозициските лидери од целиот политички спектар јасно ставија до знаење дека ќе гласаат за негово отстранување.
„Владата ќе падне“, рече Жан-Лук Меланшон, лидер на крајно левичарската партија „Неосвоена Франција“ (LFI), повторувајќи слични коментари од другите партии од левицата и десницата.
Лидерот на крајно десничарската француска партија Национален собир (RN) во парламентот, Марин Ле Пен, во среда повика на распуштање на парламентот, велејќи дека е подготвена да направи „големи жртви“ за да ја донесе својата партија на власт.
Франсоа Бајру, четвртиот премиер на Франција за три години, се соочува со речиси сигурен пораз на гласањето за недоверба во парламентот денес, потопувајќи ја втората по големина економија во Европската Унија во понатамошна политичка неизвесност, според Ројтерс.
Владата би паднала ако повеќе од половина од пратениците гласаат против неа.
Доколку Бајру падне, францускиот претседател Емануел Макрон веројатно ќе се соочи со задачата да пронајде друг шеф на влада способен да го управува буџетот преку парламентот, помалку од една година по отстранувањето на конзервативниот претходник на Бајру, Мишел Барние.
По гласањето за доверба на владата на Бајру, можни се различни сценарија - малку е веројатно дека тој ќе остане на функцијата, а можно е да поднесе оставка, по што ќе следи назначување нова влада, распишување избори или продолжен транзициски период, според француските медиуми.
Со барањето доверба од пратениците во врска со финансиската состојба на земјата, францускиот премиер не само што ја загрозува судбината на својата влада, туку и рамнотежата на петгодишниот мандат веќе разнишан од распуштањето на парламентот во јуни 2024 година и гласањето за недоверба на Мишел Барние шест месеци подоцна, заклучува францускиот весник „Ле Поан“.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата