Последната голема опозициска партија во Хонг Конг се распушти денес по гласањето на нејзините членови, што го означува кулминацијата на притисокот на Кина врз преостанатите либерални гласови во градот во долгогодишната безбедносна репресија.
Демократската партија е водечка опозициска сила во Хонг Конг од своето основање, три години пред финансискиот центар да биде вратен од британската власт на Кина во 1997 година. Таа убедливо победуваше на градските законодавни избори и вршеше притисок врз Кина во врска со демократските реформи и почитувањето на слободите.
Сепак, масовните продемократски протести во 2019 година, поттикнати од перцепцијата за затегнувањето на кинеската контрола врз градот, го наведоа Пекинг да донесе сеопфатен закон за национална безбедност за да го смири несогласувањето.
117 од 121 гласови беа за распуштање
Денес, членовите на Демократската партија гласаа за распуштање на партијата и ликвидација, потврди претседателот на партијата, Ло Кин-хеи, за новинарите по вонредното собрание.
„Да се помине низ ова патување во текот на три децении, рамо до рамо со луѓето од Хонг Конг, беше наша најголема чест. Во текот на сите овие години, благосостојбата на Хонг Конг и неговите луѓе отсекогаш била наш водечки принцип“, рече Ло.
Од 121 дадени гласови, 117 беа за распуштање, додека четворица беа воздржани. Високи партиски функционери претходно изјавија за Ројтерс дека им се обратиле кинески функционери или посредници и им било кажано да се распуштат или да се соочат со сериозни последици, вклучително и евентуално апсење.
Принципот „една земја, два система“, со кој Кина му гарантира на Хонг Конг висок степен на автономија, е сериозно поткопан во последните години, бидејќи властите, користејќи нови закони за безбедност, уапсија бројни противници, распуштија организации на граѓанското општество и ги затворија медиумите.
Кина го воведе законот како одговор на масовните протести
Одлуката на Кина во 2021 година да го преобликува изборниот систем на Хонг Конг, дозволувајќи им само на оние проверени како „патриоти“ да се кандидираат за јавни функции, ја маргинализираше Демократската партија, туркајќи ја надвор од политичкиот мејнстрим.
Во јуни, друга продемократска група, Лигата на социјалдемократи, објави дека ќе се распушти поради „огромен политички притисок“.
Истакнати членови на Демократската партија Ву Чи-ваи, Алберт Хо, Хелена Вонг и Лам Чеук-тинг се затворени или притворени според законот за национална безбедност што Кина го воведе во 2020 година како одговор на масовните продемократски протести една година претходно.
Некои влади, вклучувајќи ги САД и Велика Британија, го критикуваа законот, тврдејќи дека тој ги задушува несогласувањата и индивидуалните слободи. Кина, од друга страна, вели дека ниедна слобода не е апсолутна и дека законот за национална безбедност ја вратил стабилноста во Хонг Конг.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата