Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека е подготвен да се сретне со рускиот претседател Владимир Путин како дел од мировните преговори, но ја отфрли можноста таква средба да се одржи во Москва или Белорусија.
Тој му рече на рускиот претседател да дојде во Киев „ако може“.
„Апсолутно е невозможно за мене да се сретнам со Путин во Москва. Тоа би било исто како да се сретнам со Путин во Киев. Можам и да го поканам во Киев - нека дојде. Го поканувам јавно, ако можам, се разбира“, рече Зеленски, објави „Униан“.
Зборувајќи за територијалните прашања, Зеленски рече дека Украина е подготвена за компромис во рамките на мировните преговори, но дека Русија мора да го стори истото.
Тој изјави дека не е постигнат компромис по прашањето за територијата, особено кога станува збор за регионот Донецк.
Според него, барањата што ѝ се наметнуваат на Украина не можат да се сметаат за компромис, бидејќи тие подразбираат промена на територијалниот интегритет на земјата.
Како „најмалку проблематично решение“, Зеленски ја наведе можноста украинските и руските сили да останат на своите сегашни позиции.
Зеленски, исто така, рече дека не се водени понатамошни дискусии за американскиот предлог регионот Донбас да се прогласи за слободна економска зона, бидејќи руската делегација немала мандат да одлучува за тие прашања.
Осврнувајќи се на размената на воени заробеници, Зеленски оцени дека Русија го запрела тој процес, наведувајќи дека Москва, според него, не ја гледа размената како корист за себе.
Тој додаде дека Русија треба да размисли и за своите војници.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата