Финансиската доверба во државите се покажува и докажува по тоа дали износот на пари кои ги печатат имаат покритие, гаранција во некој друг еквивалент и резерва - најчесто тоа досега беше гаранција со резерва во американски долари или злато. Сега работите, и редоследот, се променија.
Не евеќе доларот начето користена гаранција, златото стана најважното средство во девизните резерви на централните банки ширум светот, според најновиот извештај на Европската централна банка, насловен како „Меѓународната улога на еврото“.
Според податоците за 2025 година, учеството на златото во резервите на светските централни банки се искачи на 27 проценти, надминувајќи ги за прв пат американските државни обврзници, чие учество падна на 22 проценти. Учеството на еврото остана стабилно на 15 проценти.
Само една година претходно, американските државни обврзници беа водечка резерва со учество од 25 проценти, додека златото учествуваше со 20 проценти. Дури во 2023 година, разликата беше уште поизразена - 26 проценти за американските обврзници во споредба со 16 проценти за златото.
И покрај ова, вкупната вредност на сите средства деноминирани во долари сè уште доминира во светските резерви и сочинува околу 42 проценти од вкупните средства на централните банки.
Европската централна банка вели дека зголемувањето на учеството на златото во голема мера се должи на наглото зголемување на неговата цена во последните три години. Цената на унца злато се зголеми од околу 1.830 долари во 2023 година на дури 4.500 долари во 2026 година, значително зголемувајќи ја вредноста на златните резерви во однос на портфолијата на американски обврзници и евра.
Претседателката на Европската централна банка, Кристин Лагард, изјави дека геополитичките тензии продолжуваат да ја поттикнуваат силната побарувачка на централните банки за злато.
Според „Фајненшл тајмс“, централните банки купувале повеќе од 1.000 тони злато годишно помеѓу 2022 и 2024 година, додека темпото малку се забавило во 2025 година на околу 850 тони.
Најголемите купувачи на злато од 2022 година беа централните банки на Кина, Полска, Турција и Индија.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата