Европската унија подготвува список со отстапки за администрацијата на Доналд Трамп за да обезбеди делумно укинување на американските царини кои веќе почнаа да го погодуваат европскиот извоз.
На претставниците на Европската унија на состаноците оваа недела во Вашингтон им било кажано дека нема начин да се избегнат новите авто и таканаречени реципрочни тарифи што Трамп ги воведува следната недела, пишува Блумберг, повикувајќи се на анонимни информирани извори.
Според тоа, Европската комисија веќе почна да работи на списокот на потенцијални отстапки за Соединетите држави, вклучувајќи намалување на европските тарифи, заеднички инвестиции со САД и олеснување на одредени регулативи и стандарди, додаваат изворите.
Овој план ќе биде основа за разговори меѓу Европската комисија и САД по стапувањето на сила на реципрочните царини.
Тарифите за кои станува збор најверојатно ќе влијаат на сите или на повеќето стоки од ЕУ извезени во САД.
Администрацијата на Трамп не го посочи нивото на тарифи што ќе ги воведе на Европската унија, но европските претставници очекуваат тие да бидат меѓу 10 и 25 отсто, велат изворите.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата