Нападот за кој досега потврда има само од руска страна, доаѓа откако официјална Москва усвои нова доктрина за употреба на нуклеарно оружје, според која напад врз руска територија со западно оружје би можело да доведе до нуклеарен одговор.
Портпаролот на Кремљ Дмитри Песков за тамошните медиуми посочи дека целта на доктрината е потенцијалните противник да ја разбере неизбежноста од одмазда во случај на напад.
-Денеска беше потпишан многу важен указ на претседателот. Тој указ е потврда за основата на политиката на Руската федерација во делот на нуклеарната политика. Важен елемент на оваа политика е дека нуклеарното одвраќање има за цел да обезбеди потенцијалниот противник да ја разбере неизбежноста од одмазда во случај на агресија против Руската Федерација или нејзините сојузници,- - Дмитри Песков – Портпарол на Кремљ.
Во меѓувреме, земјите – членки на Унијата на состанок договараат нов вид на поддршка за Украина во војната. На состанокот присутен е и генералниот секретар на НАТО Марк Руте, кој порача дека воените системи кои се доставуваат до Украина, не треба да имаат ограничувања. Сличен став изрази и високиот претставник на ЕУ Борел.
-Кога сојузниците испорачуваат системи за оружје на Украина, најдобро е да нема рестрикции за нив, тоа е општ поглед. Но, тоа е на индивидуалните сојузници да одлучат што ќе прават. Во моментов гледаме ескалација на војната поради вмешувањето на Северна Кореја од страна на Русија,- - Марк Руте – Генерален секретар на НАТО.
-Во Европа, тоа е во рацете на националните влади. Земјите-членки веќе го прават тоа, отворено, некои го прават тоа молчеливо, а некои вчера, не кажаа ништо. Но, сигурен сум дека ќе го следат примерот на САД да им дозволат на украинците да користат оружје да се борат против русите на руска територија бидејќи од руска територија се тие нападнати и тоа е целосно во согласност со меѓународното право,- - Џозеп Борел – Висок претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика.
Новата ескалација доаѓа во услови кога војната се заканува да навлезе во нова по опасна фаза, а Украина одбележува 1000 денови од почетокот на инвазијата. Украинскиот претседател Зеленски кој претходно порача дека ќе остави ракетите да говорат, денеска во говор пред Европскиот парламент побара фер и праведен мир за неговата земја.
-Тој (Путин) нема да запре сам, колку повеќе време има, толку полоши ќе бидат условите. Ако било кој во Европа мисли дека може да продаде голем дел од Украина или било која друга држава, како балтичките земји, Балканските земји, Грузија или Молдавија, и да добие нешто за врозврат, тогаш нека се потсети на оваа едноставна вистина, никој не може да ужива во мирни води за време на бура и мораме да направиме се за да ја завршиме оваа војна фер и праведно,- - Володимир Зеленски – Претседател на Украина.
Русија ја започна својата целосна инвазија на Украина на 24 февруари 2022 година, а по првичниот брз напредок на армијата, украинските сили успеаја да ослободат северните погранични региони на државата. По ослободувањето на Херсон, кој беше најголемиот украински град под руска контрола, воените дејствија продолжуваат со несмален интензитет, особено во регионот на Донбас.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата