Европската унија им нуди на САД заемно укинување на царинските тарифи за индустриски производи, изјави во понеделник претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
„Подготвени сме да преговараме со САД, понудивме нула царини за индустриски стоки, како што успешно направивме со многу други трговски партнери“, рече фон дер Лајен по состанокот со претставници на челичната и металната индустрија.
Истовремено, Комисијата е подготвена да одговори со противмерки.
„Европа е секогаш подготвена за добар договор, затоа го оставаме тоа на масата. Но, ние сме подготвени да одговориме со контрамерки и да ги браниме нашите интереси“, додаде претседателката на Комисијата.
Американската администрација воведе царини од 25 отсто за увоз на алуминиум и челик во Соединетите држави од целиот свет, кои стапија на сила на 12 март. Од 3 април, царините од 25 отсто се воведуваат и за сите автомобили и автоделови кои не се произведени во САД.
На 2 април американскиот претседател Доналд Трамп ги објави царините што неговите противници велат дела е трговска војна со целата планета и најави реципрочни царини, минимум 10 отсто за сите, а уште повисоки царини за околу 60 земји, кои ќе стапат на сила од среда, на 9 април. Царините се одмерени на 20 отсто за Европската унија и на 34 отсто за Кина, според процената на Вашингтон за односот на трговскиот дефицит со односните земји и износот на нивните царини за американските производи.
Европската комисија ги анализира можните одговори и се консултира со земјите членки, а првиот одговор треба да следи во среда.
Комесарот за трговија, Марош Шефчович, во Луксембург, каде министрите за трговија на земјите-членки разговараа за трговските односи со САД, изјави дека Комисијата подготвила список со предложени контрамерки кои денеска ќе бидат испратени до земјите-членки.
Гласањето е закажано за среда, на 9 април, а контрамерките треба да се применат од 15 април, рече Шефчович.
Понудата на ЕУ кон САД “нула за нула царини“ изгледа фер на прв поглед но, САД увезуваат 250 милијарди долари од ЕУ повеќе отколку што извезуваат и прашање е дали тоа ќе го задоволи Трамп кој царините ги воведува пред се за да се израмни увозот и извозот помеѓу ЕУ и САД, а не само бројките на цариснка стапка.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата