Венецуелскиот претседател Николас Мадуро, кој според изборната комисија победи на вчерашните претседателски избори во таа земја, претходно денеска објави дека неговиот реизбор е триумф на мирот и стабилноста.
Изборната комисија ги објави првите резултати само шест часа по затворањето на гласачките места, а Мадуро изјави дека пребројувањето на гласовите и објавувањето на резултатите доцни поради сајбер напад, пренесе „Паис“.
„Знаеме од каде дојде хакерскиот напад, тие оставија траги“, рече Мадуро.
Тој, исто така, го повтори своето тврдење во кампањата дека изборниот систем на Венецуела е транспарентен.
Мадуро објасни дека неговата победа претставува „почит кон суверениот живот на Венецуела и волјата на народот“.
Тој ги отфрли обвинувањата на опозицијата, тврдејќи дека резултатите доцнат поради жесток хакерски напад, чии сторителите, како што рече, се идентификувани.
Венецуелската опозиција организирала сајбер саботажа извршена од Северна Македонија?
Државниот обвинител на Венецуела Тарек Саaб денеска изјави дека нападот врз електронскиот систем, кој го забави пребројувањето на гласовите на претседателските избори одржани викендов, е извршен од Северна Македонија.
„За среќа, оваа акција не беше успешна, но го забави процесот и објавувањето на резултатите. Сакаа да го фалсификуваат записникот“, изјави тој, прецизирајќи дека за истрагата се именувани 38-иот и 74-тиот државен обвинител.
Во врска со инволвираните во нападот, Сааб посочи дека главната инволвирана личност е Лестер Толедо, бегалец од правдата, кој е во странство; Леополдо Лопез, исто така бегалец од венецуелската правда, и Марија Корина Мачадо, водачи на опозициската партија Народна волја.
„Обвинителите собираат докази за овие дејствија кои се обидоа да ги фалсификуваат резултатите“, рече тој.
Занчи, Венецуела ја именуваше опозициската лидерка Марија Корина Мачадо како клучен осомничен во истрагата за наводна изборна саботажа на претседателските избори во неделата, објави Блумберг, пренесува Минт.
-Мачадо била вклучена во заговор за промена на резултатите од гласањето испратени од избирачките места до штабовите на изборната власт, изјави во понеделникот јавниот обвинител Тарек Вилијам Сааб на прес-конференција, јавува ultimasnoticias.
Сааб не обезбеди никаков доказ за своето тврдење, објави Ројтерс.

Резултати од гласањето
Националниот изборен совет на Венецуела претходно објави дека врз основа на резултатите од обработените 80 отсто избирачки места, актуелниот венецуелски претседател Николас Мадуро освоил 51,2 отсто од гласовите и победил на претседателските избори, со што обезбедил трет мандат.
Неговиот противкандидат, опозицискиот претставник Едмундо Гонзалес Урутија, според податоците на изборната комисија, освоил 44,2 отсто од гласовите.
Опозицијата најави дека се подготвува да ги оспори резултатите објавени од изборната комисија, пренесе АП.
Опозициските претставници рекоа дека податоците што ги собрале од нивните претставници на изборите во 30 отсто од избирачките центри покажуваат дека Гонзалес го победил Мадуро.
„Резултатите не можат да се сокријат. Земјата мирно избра промени“, напиша Гонзалес на платформата Х (Твитер) пред да бидат објавени резултатите на изборната комисија, објави Скај њуз.
Во Венецуела вчера се одржаа претседателски избори, а противници на Мадуро беа опозицискиот претставник Едмундо Гонзалес Урутија и уште осум други кандидати.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата