logo
logo
logo

ДОГОВОРЕНА ГЕРМАНСКАТА ВЛАДА: Мерц канцелар, ЦДУ добива и министер за надворешни работи по долго време

Vecer | 09.04.2025

ДОГОВОРЕНА ГЕРМАНСКАТА ВЛАДА: Мерц канцелар, ЦДУ добива и министер за надворешни работи по долго време

Германските конзервативци, унијата ЦДУ и ЦСУ предводени од Фридрих Мерц денеска постигнаа договор за коалиција со Социјалдемократската партија на Германија (СПД).

Ројтерс наведува дека целта на новата владејачка коалиција е да го заживее економскиот раст на најголемата европска економија во време кога постои закана од рецесија предизвикана од глобална трговска војна.

Британската агенција потсетува дека на договорот му претходеа повеќенеделни пазарења меѓу Мерц, кој чека да биде прогласен за канцелар, и СПД, откако тој, на чело на Христијанско-демократската унија (ЦДУ) и Христијанско-социјалната унија (ЦСУ), победи на парламентарните избори во февруари.

Притисокот за формирање влада се зголеми бидејќи владата ќе ја преземе функцијата во време на глобални турбуленции поради ескалацијата на трговскиот конфликт предизвикан од наметнувањето на високи царини од страна на американскиот претседател Доналд Трамп.

Коалициониот договор се надоврзува на претходниот реформски договор за „сопирање на долгот“.

Коалицискиот договор што го постигнаа конзервативците и СПД во средата, следи по претходниот пробив на почетокот на преговорите, каде партиите се согласија да ги реформираат строгите уставни правила за задолжување на владата познати како „Шулденбремсе“ или „сопирачка за долгот“.

Промените на правилата ќе и овозможат на Германија да ги зголеми трошоците за одбрана и да состави пакет инфраструктурни и мерки за заштита на климата од 500 милијарди евра (500 милијарди долари).

Овој договор беше донесен на специјална седница на парламентот во заминување во март, за да се избегне негово блокирање од партијата Алтернатива за Германија (AfD).

Сега сите партии ќе мора да го потпишат договорот пред парламентот да го избере Мерц за канцелар. Тоа се очекува да се случи на 7 мај.

Германската новинска агенција ДПА објави, повикувајќи се на упатени, дека демохристијаните (ЦДУ) на Фридрих Мерц ќе го преземат Министерството за надворешни работи за првпат по речиси 60 години во новата коалициска влада.

На Социјалдемократите (СПД) ќе им бидат доделени министерствата за финансии и одбрана, додека Министерството за внатрешни работи, исто така, ќе го преземат конзервативниот блок на ЦДУ и баварската Христијанско-социјална унија (ЦСУ).

Договорот сепак мора да биде ратификуван од членството на СПД на гласање. Доколку членовите на СПД го поддржат договорот, канцеларството ќе им се врати на конзервативците.

Шефот на парламентарната група на Христијанско-социјалната унија (ЦСУ) во Бундестагот, Александар Добриндт, изјави дека Фридрих Мерц од сојузничката демохристијанска партија (ЦДУ) најверојатно ќе биде избран за следен германски канцелар на почетокот на мај.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

TailoredCV
logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk