logo
logo
logo

Димитров: Северна Македонија изгуби 3 години, не прифаќајќи ја општата историја

Vecer | 25.05.2021

Димитров: Северна Македонија изгуби 3 години, не прифаќајќи ја општата историја


Македонските историчари изгубија 3 години во неподготвеноста да ја прифатат формулацијата на Договорот за пријателство и добрососедство, со што станува јасно дека Бугарија и РС Македонија имаат заедничка историја. Ова во интервју за бугарски медиуми го изјави Ангел Димитров, копретседател на Мешовитата комисија за историски прашања од бугарска страна.

Димитров истакнува дека не е сериозно македонската страна да ја обвинува Бугарија за недостаток на напредок поради политичките процеси во таа земја поврзани со парламентарните избори. Во интервјуто, Димитров вели дека токму македонските историчари ги искористиле изборите во нивната земја како изговор за блокирање на работата на Мешовитата комисија и дека оваа блокада продолжила под изговор дека постои пандемијата на коронавирусот.

Тој е дециден дека надворешниот притисок од сите земји-членки на ЕУ, на кој се надеваат и политичарите и историчарите во Скопје, нема да доведе до промена на позицијата во Бугарија.

„Јас не сум политичар, далеку сум од политичките сфери, но како личност со одредено дипломатско искуство можам да кажам дека не постои начин да бидеме под притисок доколку јасно ги браниме бугарските позиции“, рече историчарот, кој беше бугарски амбасадор во Северна Македонија, пренесуваат бугарските медиуми.

Според него, најголем проблем е што Мешовитата комисија е заглавена сè уште во раниот среден век, т.е. македонската страна како што вели го оспорува бугарскиот карактер на Самуиловото царство, што според Димитров е во спротивност со историските извори и современите достигнувања на светските студии.

„Нашите колеги не се согласуваат со историските извори. Тие шпекулираат со оние од општествените науки, а не од историјата. Според нив, во средниот век не била формирана националност, и царството на Самуил не било бугарско,туку велат дека е македонско и дека веќе е формирана македонска нација. На овој начин тие си противречат на самите себе“, вели Ангел Димитров.

„Кога имаме целосно разидување во ставовите, тогаш се губи довербата во колегијалната и професионалната работа на заедничката комисија“, додава Димитров.

Тој најави дека за околу две недели односно во јуни, ќе се одржи 14-тиот состанок на Мешовитата историска комисија.

„Почнав да се прашувам дали нашите македонски колеги се однесуваат повеќе како чувари на митовите, но сега почнав да размислувам дека тие почнуваат да се однесуваат како идеолози на антибугарската позиција на која сме сведоци од минатото лето“, вели Димитров.


makfax.com.mk

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk