Техеран денеска е преплавен со илјадници луѓе кои се простуваат од врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи, чиј ковчег е изложен во центарот на главниот град.
Ковчегот на Хамнеи, покриен со иранското знаме, е поставен на камион заедно со ковчезите на членовите на неговото семејство, кои загинаа на 28 февруари во воздушен напад на почетокот на војната во која учествуваа Израел и САД.
Според генералот на Револуционерната гарда, Хасан Хасанзаде, поворката ќе се движи низ улиците на Техеран во наредните 12 часа, по што ковчезите ќе бидат пренесени до меѓународниот аеродром „Мехрабад“.
На плоштадите во Техеран веќе се собраа илјадници граѓани со ирански знамиња, транспаренти со ликот на Хамнеи и пораки за поддршка на државното раководство, додека властите настојуваат погребот да го претстават како симбол на национално единство.
Градот е во застој
Поради деновите на жалост, иранските власти затворија голем број улици, го ограничија воздушниот простор и практично го запреа секојдневниот живот во главниот град.
Жалоста ќе трае до четврток, кога 86-годишниот Хамнеи ќе биде погребан во светилиштето на имамот Реза во Машхад, неговиот роден град.
Преговорите со САД ставени на пауза
Во меѓувреме, разговорите меѓу САД и Иран за повторното отворање на Ормускиот Теснец, ограничувањето на иранската нуклеарна програма и трајно завршување на војната се одложени до завршувањето на погребните церемонии.
Ормускиот Теснец останува една од најважните светски енергетски рути, а секое ограничување на пловидбата може директно да влијае врз глобалниот пазар на нафта.
Пораки за одмазда
За време на погребната поворка, меѓу дел од присутните се слушаат повици за одмазда поради смртта на Хамнеи.
На дел од транспарентите се појавија заканувачки пораки насочени кон американскиот претседател Доналд Трамп и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.
Американските власти со години ги следат заканите што доаѓаат од радикални кругови во Иран, а тие најчесто се поврзуваат со ликвидацијата на генералот Касем Сулејмани во 2020 година, наредена од тогашниот американски претседател Доналд Трамп. Иран официјално негира дека планира атентат врз Трамп, иако во пропагандни материјали на тврдокорните кругови тој со години се прикажува како цел.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата