- Утрово ќе испратиме екипа за поддршка на медицинските тимови, составена од раководител на тимот, двајца лекари и две медицински сестри специјализирани за третман на тешки изгореници, наведе Прево во објавата.
Тој додаде дека врз основа на барањето на швајцарските власти за активирање на Механизмот за цивилна заштита на ЕУ, Белгија ќе покаже солидарност и ќе понуди во своите болници да прими пет повредени пациенти со тешки изгореници и уште двајца други на кои им е потребна средна нега.
Според Прево, врз основа на досегашните информации на Министерството за надворешни работи меѓу жртвите во пожарот нема белгиски државјани, но дека таквата можност сè уште не е целосно исклучена.
Најавата на Прево, утрово ја потврди и белгискиот министер за здравство Франк Ванденбрук изјавувајќи дека Белгија понудила да хоспитализира седум повредени лица, како и дека тимот за поддршка специјализиран за изгореници е подготвен да замине за Швајцарија
- Во вакви катастрофални околности, потребна е меѓународна солидарност. Ова е европска координирана активност. Ние нудиме нешто, исто како и други земји, и овие информации се собираат, а швајцарската Влада проценува што е најинтересно за неа, изјави Ванденбрук.
Тој нагласи дека ниту една земја не може сама да се справи со ваква голема катастрофа со толку многу жртви со сериозни изгореници.
- Важно е да се вклучат и други земји. Ова е навистина време кога треба да се покаже солидарност, кога треба да се даде се од себе и верувам дека тоа треба да го направи и Белгија, додаде Ванденбрук.
Во меѓу време, Центарот за изгореници при Болницата „Струм“ во Антверпен соопшти дека се подготвува да прими двајца пациенти од пожарот во Швајцарија.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата