Австралиската влада предложи закон со кој ќе се бара од големите технолошки компании како што се „Мета“, „Гугл“ и „ТикТок“ да платат дел од своите приходи доколку не успеат да постигнат комерцијални договори со медиумските куќи за финансирање на новинарството, пренесе Кликс.
Законот беше објавен во вторник, а владата планира да го достави до парламентот до 2 јули. Предлогот, наречен „Стимулација за преговарање со вести“, предвидува големите дигитални платформи кои не успеат да постигнат договори со издавачите на весници да платат данок од 2,25% на приходите генерирани во Австралија.
Владата вели дека компаниите би можеле да имаат пониски вкупни трошоци доколку одлучат директно да им плаќаат на медиумските куќи за користење на новинарска содржина. Се очекува системот да генерира помеѓу 200 и 250 милиони австралиски долари годишно, приближно износот што платформите претходно им го плаќаа на медиумските куќи според Кодексот за преговарање со новинските медиуми од 2021 година.
Министерката за комуникации, Аника Велс, изјави дека собраните пари ќе бидат распределени на медиумските организации врз основа на бројот на новинари што ги вработуваат.
Премиерот Ентони Албанезе изјави дека новинарството мора да има јасна финансиска вредност. Тој рече:
„Големите мултинационални компании не треба да можат да земаат содржина и да ја користат за профит без соодветно да ги компензираат оние што ја создаваат.“
Додаде дека инвестирањето во новинарството е од суштинско значење за здрава демократија.
Од друга страна, Мета се спротивстави на предлогот, наведувајќи дека медиумите „доброволно објавуваат содржина на нашите платформи затоа што имаат корист од неа“.
Гугл изјави дека не гледа потреба од нов данок, тврдејќи дека веќе има комерцијални договори со медиумите и дека пазарот на рекламирање се променил.
ТикТок сè уште не коментирал.
Албанезе, одговарајќи на можните критики од САД, рече дека австралиската влада ќе донесува одлуки исклучиво во согласност со националните интереси на земјата.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата