Војниците на авганистанските специјални сили кои се бореа заедно со американските војници, а потоа побегнаа во Иран по хаотичното повлекување на САД од Авганистан минатата година, сега се регрутирани од руската војска за да се борат во Украина, објави новинската агенција Асошиетед прес, повикувајќи се на свои извори.
Тројца поранешни авганистански генерали изјавија за АП дека Русите сакаат да доведат илјадници поранешни елитни авганистански командоси во „странската легија“ нудејќи им постојана плата од 1.500 долари месечно и ветувајќи безбедно засолниште за нив и нивните семејства за да можат да избегнат депортација назад во Авганистан каде се плашат од смртна казна доколку паднат во рацете на талибанците.
„Тие не сакаат да се борат - но немаат избор“, рече еден од генералите, Абдул Раоф Аргандивал, додавајќи дека десетината командоси во Иран со кои тој е во контакт најмногу се плашат да не бидат депортирани назад во Авганистан.
„Тие ме прашуваат: „Дајте ни решение, што да правиме? Ако се вратиме во Авганистан, Талибанците ќе не убијат“.
Аргандивал рече дека регрутирањето го спроведува руската приватна армија Вагнер Груп.
Друг генерал, Хибатула Ализаи, последниот командант на авганистанската армија пред преземањето на талибанците, рече дека поранешен командант на авганистанските специјални сили, кој живеел во Русија и зборувал руски, помагал во операцијата.
Вагнер ги отфрла сите тврдења. Портпаролот на Евгениј Пригожин, кој неодамна потврди дека тој е основач на групата Вагнер, го отфрли тврдењето за мобилизација на поранешни авганистански војници како „луда глупост“.
Министерството за одбрана на САД не одговори на барањето за коментар од АП, но неименуван висок функционер сугерираше дека руското регрутирање не е изненадувачки со оглед на тоа што Вагнер веќе се обидел да регрутира војници од неколку други земји.
Не е јасно колку поранешни членови на авганистанските специјални сили се пријавиле за украинскиот фронт, но еден за АП изјави дека комуницира преку WhatsApp со околу 400 други командоси кои ја разгледуваат понудата.
Тој рекол дека многумина како него се плашат од депортација и се лути на САД што ги оставиле на цедило.
„Мислевме дека можат да направат посебна програма за нас, но никој не ни помисли на нас“, изјави поранешен командос кој сакаше да остане анонимен затоа што се плаши за себе и за своето семејство.
„Американците не оставија сите во рацете на талибанците“, рече тој.
Тој истакна дека му биле понудени визи за него, како и за неговите три деца и неговата сопруга, кои се уште се во Авганистан. Тој верува дека многумина ќе ја прифатат оваа понуда.
Извори: apnews.com | euronews.com | The Guardian | al-Jazeera
Фото: Авганистански командоси за време на обука, фотографија од 2011 година
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата