Иако Израел однапред ги известил САД за планираната операција, американските власти биле изненадени од нејзиниот обем и сметаат дека акцијата отишла подалеку отколку што очекувале.
Во Вашингтон постои загриженост дека нападите врз инфраструктурата што ја користат и обичните граѓани на Иран би можеле да имаат спротивен ефект од посакуваниот – наместо да го ослабат режимот, би можеле да го обединат иранското општество околу власта и дополнително да ги подигнат цените на нафтата на светскиот пазар.
Нападите на израелското воено воздухопловство беа извршени во саботата и предизвикаа големи пожари во Техеран. Пламенот бил видлив со километри, додека густ чад прекрил делови од иранскиот главен град.
Израелските одбранбени сили (ИДФ) соопштија дека биле погодени складишта за гориво кои иранскиот режим ги користи за снабдување на различни потрошувачи, вклучително и воени структури. Еден израелски воен функционер рече дека целта на нападот била и да му се испрати порака на Иран да престане со нападите врз израелската цивилна инфраструктура.
Според наводите на американските и израелските функционери, ИДФ пред почетокот на операцијата ја известиле американската војска. Сепак, еден американски функционер рече дека Вашингтон не очекувал напади од толку голем обем. „Не мислиме дека тоа беше добра идеја“, рекол висок американски функционер за Аксиос.
Иако мета не биле постројките за производство на нафта, американските власти стравуваат дека снимките од запалените складишта би можеле да ги вознемират пазарите и дополнително да ги зголемат цените на енергенсот.
Еден од советниците на Доналд Трамп рекол дека претседателот не е задоволен од оваа акција. „На претседателот не му се допаѓа овој напад. Тој сака нафтата да се сочува, а не да гори. Таквите слики ги потсетуваат луѓето на раст на цените на горивото“, рекол советникот.
Во меѓувреме, Иран се закани со можен одговор. Портпаролот на иранскиот воен штаб Катам ал Анбија предупреди дека Техеран би можел да возврати со слични напади ширум регионот доколку продолжи гаѓањето на иранската нафтена инфраструктура.
Тој нагласи дека Иран досега не напаѓал регионални енергетски објекти, но предупреди дека доколку дојде до тоа, цената на нафтата би можела да скокне и до 200 долари за барел.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата