„Од 28 февруари сме во состојба на висока готовност со сите наши единици. Ги мобилизиравме сите државни институции“, рече Ердоган по состанокот на кабинетот во Анкара.
„Нашата главна цел е да ја држиме нашата земја подалеку од овој пожар“, додаде тој.
Изјавата доаѓа откако НАТО претходно пресретна балистичка ракета лансирана од Иран кон Турција, додека расте загриженоста дека војната меѓу САД и Израел против Иран може да се прошири на целиот регион.
Турскиот претседател по состанокот на кабинетот изјави дека Техеран бил предупреден откако втора балистичка ракета влегла во турскиот воздушен простор, а потоа била пресретната од воздушната одбрана на НАТО. Тој додаде дека Анкара не сака потези што би фрлиле сенка врз „илјадагодишните соседски и братски врски“ со Иран, но и дека Турција ќе продолжи да презема дополнителни мерки откако во понеделник распореди шест борбени авиони Ф-16 во северен Кипар.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата