logo
logo
logo

„Аксиос“: Пентагон подготвува финален напад во војната против Иран

Vecer | 26.03.2026

„Аксиос“: Пентагон подготвува финален напад во војната против Иран

Според американскиот портал „Аксиос“, драстичната воена ескалација станува поверојатна ако дипломатските преговори не дадат резултати, особено ако продолжи блокадата на Ормуската Теснина.

Некои американски функционери веруваат дека решителниот напад на крајот од конфликтот би ја зголемил моќта на преговарање во мировните преговори или би му дал на американскиот претседател Доналд Трамп симболичен резултат што би можел да го прогласи за победа.

Во интервјуа со „Аксиос“ функционери и извори запознаени со внатрешните дискусии опишаа четири главни опции за „финалниот удар“ што Трамп би можел да ги избере.

Тука спаѓаат инвазија или блокада на островот Харг, главниот центар за извоз на нафта во Иран, инвазија на островот Ларак, што му помага на Иран да ја консолидира својата контрола врз Ормуската Теснина, заземање на стратешкиот остров Абу Муса и два помали острови, што се наоѓаат во близина на западниот влез во Ормуската Теснина и се под иранска контрола, но се предмет на спор со Обединетите Арапски Емирати, или блокада и запленување на бродови што извезуваат иранска нафта на источната страна од Ормуската теснина.

Според порталот, американската војска подготвила и планови за копнени операции длабоко во Иран за да обезбеди високо збогатен ураниум од нуклеарните постројки.

Наместо комплицирана и ризична операција, САД би можеле да спроведат воздушни напади од големи размери за да го спречат Иран да пристапи до материјалот, наведе „Аксиос“.

Трамп сè уште не донел конечна одлука за спроведување на кое било од овие сценарија, а претставници на Белата куќа ги опишуваат можните копнени операции како „хипотетички“, укажува порталот.

Од друга страна, изворите наведуваат дека тој е подготвен да ескалира доколу преговорите со Иран набргу не дадат конкретни резултати.

Првото нешто што може да го направи е да ја спроведе својата закана за бомбардирање електроцентрали и енергетски постројки во Иран, на што Техеран се закани со масовна одмазда во Персискиот Залив, соопшти порталот.

Портпаролката на Белата куќа, Каролин Ливит, го предупреди Иран дека Трамп е подготвен да удри „посилно од кога било“ доколку не се постигне договор.

„Претседателот (Трамп) не блефира и е подготвен да почне тотален напад. Иран не смее погрешно да ја процени ситуацијата... секое насилство во овој момент ќе се должи на одбивањето на иранскиот режим да постигне договор“, рече Ливит.

Во следните денови на Блискиот Исток се очекува пристигнување засилувања, вклучувајќи неколку ескадрили борбени авиони и илјадници војници.

Единица на морнарицата пристигнува оваа недела, а друга во моментот се распоредува.

Командниот елемент на 82. падобранска дивизија беше испратен во регионот со пешадиска бригада од неколку илјади војници.

Иранските власти велат дека не им веруваат на преговарачките потези на Трамп и ги гледаат како изговор за изненадувачки напади.

Претседателот на иранскиот парламент, Мохамад Багер Галибаф, напиша дека иранската разузнавачка служба верува оти „непријателите на Иран, со поддршка на земја во регионот, подготвуваат операција за окупирање еден од иранските острови“.

Според американскиот портал, веројатно се алудира на ОАЕ и нивното барање за Абу Муса.

„Сите непријателски активности се под надзор на нашите вооружени сили. Доколку преземат акција, целата витална инфраструктура на таа регионална земја ќе биде цел без ограничување“, додаде тој.

Извори вклучени во разговорите меѓу САД и Иран велат дека Пакистан, Египет и Турција се обидуваат да договорат состанок меѓу двете страни.

Иран го отфрли првичниот список на барања на САД, но не ги исклучи целосно преговорите.

„Проблемот е недовербата. Командантите на ИРГК се многу скептични, но медијаторите не се откажаа“, рече изворот.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk