АMЕРИКАНСКИ МИЛИЈАРДЕР ДОГОВОРИ ПРЕЗЕМАЊЕ НА „ЛУКОИЛ“ – во пакетот и 2.000 бензински пумпи во 16 земји

Vecer | 26.11.2026

АMЕРИКАНСКИ МИЛИЈАРДЕР ДОГОВОРИ ПРЕЗЕМАЊЕ НА „ЛУКОИЛ“ – во пакетот и 2.000 бензински пумпи во 16 земји
Додај го Вечер како твој извор на Google (се отвора во нов таб)

Конзорциум предводен од американскиот милијардер Тод Боли постигна договор за преземање на голем дел од меѓународниот енергетски имот на рускиот нафтен гигант „Лукоил“, вториот по големина производител на нафта во Русија. Информацијата ја соопшти инвестициската компанија „Елдриџ“, предводена од Боли. Според договорот, конзорциумот ќе ја купи компанијата „Лукоил интернешенел“ од нејзината руска матична компанија, која е под американски санкции. Во конзорциумот учествува и Американската корпорација за меѓународен развој и финансирање (ДФЦ), преку која американската влада ќе стекне сопственички удел во компанијата.

Цената на трансакцијата не е објавена. Од „Елдриџ“ наведуваат дека договорот ќе овозможи клучниот меѓународен енергетски имот да премине во сопственост на САД и нивните сојузници. Меѓународното портфолио на „Лукоил“ опфаќа операции за истражување и производство на нафта и гас во 11 земји, со дневно производство од околу 350.000 барели. Во имотот што е предмет на преземање се вклучени нафтени и гасни полиња, три рафинерии во Европа, како и околу 2.000 бензински пумпи во 16 земји во Европа, Северна Америка и Централна Азија. Во пакетот влегува и бизнисот со меѓународна трговија со енергенси.

Трансакцијата ќе биде реализирана преку размена на акции. Акциите на руската матична компанија и други руски компании ќе бидат заменети за сопственички удел во „Лукоил интернешенел“. На тој начин, според инвеститорите, ќе се избегне директна исплата на пари на Русија во рамките на договорот. Меѓу останатите инвестициски партнери се наоѓаат компанијата „Катена инвестмент холдинг“ од Обединетите Арапски Емирати и американската инвестициска банка „Кстелус партнерс“. Сепак, трансакцијата сè уште треба да добие условно одобрение од Канцеларијата за контрола на странски средства (ОФАК) при Министерството за финансии на САД.

„Лукоил“ ја најави продажбата на својот меѓународен имот пред повеќе од една година, откако Министерството за финансии на САД воведе санкции против компанијата. Во месеците што следуваа беа разгледувани повеќе понуди, но неколку обиди за преземање пропаднаа. Швајцарската трговска компанија „Гунвор груп“, денеска позната како „Сенталион“, минатата година достави понуда за купување на меѓународниот имот на „Лукоил“. Сепак, договорот не беше реализиран бидејќи не доби одобрение од американското Министерство за финансии.

Во јануари инвестициската компанија „Карлајл“ постигна договор за купување на странскиот имот на рускиот нафтен гигант, со исклучок на делот што се наоѓа во Казахстан. Но, и овој обид пропадна.

Преземањето на енергетскиот имот на „Лукоил“ претставува значително отстапување од досегашните инвестициски активности на Тод Боли. Американскиот милијардер е познат како косопственик на спортски клубови, меѓу кои „Лос Анџелес Доџерс“ и „Лос Анџелес Лејкерс“. Неговата холдинг-компанија „Елдриџ“ управува со инвестиции во осигурувањето, спортот, забавната индустрија, кредитните аранжмани и недвижностите.

Компанијата располага со капитал вреден повеќе од 75 милијарди долари, а преземањето на меѓународниот имот на „Лукоил“ би било едно од нејзините најзначајни вложувања во енергетскиот сектор.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004- 2026. Vecer.mk