Свадбената забава во Глендејл, Калифорнија, се претворила во кошмар кога непознат маж влегол во прославата и избегал со 60.000 долари во готово и чекови (околу 51.000 евра), наменети за младенците.
Камерата го снимила сторителот како се појавува во банкет салата „Ренесанс“ околу 23 часот, иако не бил поканет, каде што останал повеќе од час и половина. Се движел лежерно меѓу гостите, нарачувал пијалаци во барот и го користел тоалетот.
Дали крадецот имал соучесник?
Во еден момент, маж облечен во црно ја зграбил кутијата со подароци во главната сала и избегал. Полицијата подоцна објавила дека возило, управувано од соучесник, го чекало на улицата.
Невестата, Надин Фарахат, им опишала на локалните медиуми како прославата била нагло прекината.
„Штом сфативме што се случило, музиката престана, сè престана. Седев на подот и плачев додека пријателите и роднините ме тешеа“, рече таа.
Младоженецот, Џорџ Фарахат, додаде: „Мислам дека крадецот му оставил и бакшиш за шанкерот“.
Пронајдени се пари и чекови
Полицијата вели дека користела снимки од безбедносните камери за да го идентификуваат осомничениот А. Ш. и го уапсила во неговиот дом во Шерман Оукс, заедно со неговиот наводен соучесник, А. А. од Лос Анџелес.
При претресот на нивните домови пронајдени се пари, 26 чекови издадени на име на младенците, како и неколку оружја и дрога. Сè уште не се поднесени обвиненија.
„Тие очигледно мислеле дека го погодиле џекпотот. Веруваме дека зеле околу 60.000 долари и повеќе во чекови, од кои некои успеавме да ги вратиме“, рече портпаролот на полицијата, наредник Хозе Барахас.
„Размислуваме за среќни времиња“
Барахас додаде дека уапсените мажи немале претходни врски со свадбени грабежи и дека локацијата веројатно била избрана случајно.
И покрај шокот, младенците се обидуваат да останат позитивни, објави „Метро“.
„Имавме прекрасна црковна венчавка пред 300 гости и славевме сè до инцидентот. Сега се обидуваме да се фокусираме на среќните времиња“, рече Џорџ Фарахат.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата