Поранешниот директор на Националниот центар за борба против тероризмот и близок сојузник на американскиот претседател Доналд Трамп, Џо Кент, се огласи преку видео порака по објавувањето на потенцијално двонеделно примирје меѓу САД и Иран.
Кент ја оцени оваа вест како исклучително важен чекор, иако нагласи дека сè уште не е потврдено дали иранската страна го прифатила договорот.
„Одлични вести вечерва, постигнат е прелиминарен договор за двонеделно примирје меѓу нас и Иранците. Сè уште не е потврдено дали Иранците го прифатиле овој договор, но се надевам дека го прифатиле“, рече Кент.
Во својата изјава, тој конкретно предупреди за улогата на Израел, нагласувајќи дека евентуалните воени дејствија од страна на таа земја би можеле да го загрозат не само привременото примирје, туку и долгорочните мировни напори.
„Клучно е да се осигураме дека Израел нема да го саботира ова примирје или трајниот мир што се обидуваме да го постигнеме со Иран. Последното нешто што ни треба е повторување на сценариото од претходните преговори, кога нападите доведоа до ескалација на конфликтот“, рече тој.
Кент, исто така, го нагласи стратешкото значење на Ормускиот теснец, низ кој минува значаен дел од светските енергетски текови, предупредувајќи дека стабилизацијата на ситуацијата би овозможила продолжување на глобалната трговија со енергија.
„На еден чекор сме од повторно отворање на Ормускиот теснец, што би овозможило стабилизација на снабдувањето и трговијата со енергија во светот“, рече тој.
Тој верува дека Соединетите Американски Држави треба да ја ограничат воената поддршка за Израел за да спречат офанзивни операции против Иран.
„Мораме да ја намалиме воената поддршка до степен до кој Израел не може да спроведува офанзивни операции, туку ги користи своите капацитети исклучиво за одбрана“, рече Кент, додавајќи дека Израел има различни стратешки цели во споредба со Вашингтон.
Според него, додека САД се стремат да постигнат договор со Иран, стратегијата на Израел е насочена кон целосно соборување на иранската влада, што може да го загрози мировниот процес.
Кент заклучи дека воено решение во моментов не постои и дека досегашните акции само дополнително го дестабилизирале регионот.
„Секоја воена акција дополнително го зајакна режимот и ја поткопа безбедноста на регионот, вклучително и слободниот проток на енергија и трговија. Мора да останеме фокусирани на траен мир“, рече тој.
На крајот, тој испрати пораки за поддршка до американскиот претседател и војниците на терен:
„Се молам за мир, за претседателот Трамп, за успешни преговори и за безбедноста на нашите војници кои се изложени на опасност“, заклучи Кент.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата