Членките на НАТО немаат обврска да им помогнат на САД и Израел во војната со Иран, изјави турскиот министер за трговија Омер Болат откако американскиот претседател Доналд Трамп им даде ултиматум на сојузниците да најдат решение за повторно отворање на Ормускиот теснец во рок од неколку дена, објави „Јуроњуз“.
Болат, во интервју за „Јуроњуз“, ја нагласи одбранбената природа на Алијансата.
„НАТО е првенствено присутен како сила за одвраќање со цел да се зачува мирот и безбедноста на европскиот континент, но и во светот“, рече Болат.
На прашањето дали членките на НАТО имаат право да го потсетат Трамп дека Алијансата е од одбранбен карактер и дека не учествувала во планирањето на конфликтот, Болат одговори: „Да“.
Трамп му го достави ултиматумот на генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, за време на неговата посета на Вашингтон.
И покрај привременото примирје договорено во вторник вечерта само ограничен број бродови успеаја да поминат низ теснецот. Коалиција од околу четириесет земји, претежно составена од членки на НАТО, заедно со Јапонија, Јужна Кореја и Австралија, работеше на стратегија за обезбедување на водниот пат по завршувањето на конфликтот. Сепак, Трамп инсистира на итно решение што би вклучувало распоредување на воени ресурси и поморски сили.
Членовите на НАТО претходно ги отфрлија повиците на САД за поддршка на воената кампања во Иран, посочувајќи дека не биле консултирани пред нападот. Тие, исто така, ја потврдија одбранбената природа на Алијансата и ги отфрлија тврдењата на Белата куќа дека биле должни да интервенираат заедно со САД.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата