Од враќањето на Доналд Трамп во Белата куќа во јануари 2025 година, земјите од Западен Балкан не се во центарот на вниманието на американската надворешна политика.
Марко Рубио, државниот секретар, сè уште нема стапнато во овој дел од Европа, но затоа на Балканот престојуваше Марк Бернс, духовниот советник на Трамп.
Посетата на Србија, Босна и Херцеговина, како и средбите со локалните функционери, меѓу кои е и претседателот на Србија, Александар Вучиќ, Бернс до детали ги објавуваше на своите профили на социјалните мрежи, испраќајќи „пораки за мир, љубов и помирување“.
Сепак, доаѓањето на Бернс, човек со живописна биографија и не без контроверзии, го отвори прашањето која е работата на духовниот советник на претседателот на Соединетите Американски Држави (САД) и колкаво влијание има тој врз носењето одлуки во Белата куќа.
„Важноста на функцијата духовен советник значително се промени во последните 50 години, а неговите специфични должности никаде не се прецизно дефинирани“, вели за Би-би-си на српски Андреа Џеј Тери, професорка по комуникологија специјализирана за претседателска реторика и религија од Државниот универзитет во Калифорнија.
Историски гледано, Трамп не е ниту првиот, ниту единствениот претседател на САД кој има духовен советник.
Речиси половина од досегашните претседатели на САД припаѓале на Епископалната или на Презвитеријанската протестантска црква, а Џон Ф. Кенеди и Џозеф Бајден се единствените двајца католици кои ја извршувале највисоката државна функција, покажуваат податоците на американскиот истражувачки центар Пју.
Само тројца американски претседатели – Томас Џеферсон, Абрахам Линколн и Ендру Џонсон – не биле официјално поврзани со ниту една конкретна верска традиција.
1. Кое е значењето на функцијата духовен советник?
Првично, тие служеле како приватни советници кои понекогаш извршувале церемонијални улоги.
„На пример, ја воделе инвокацијата (молитвата) на претседателската инаугурација, упатувале зборови на утеха по национални трагедии или претседавале со молитвениот појадок“, вели Џеј Тери.
Молитвениот појадок е еден од најпознатите и најдолговечните настани што ги спојува религијата и политиката во Вашингтон.
Од 1953 година, тој се одржува секој прв четврток во февруари.
На заедничка молитва се собираат претседателот на САД, членовите на Конгресот, американски политичари и воени лидери, како и гости од странство.
Чести гости на оваа манифестација во изминатите децении беа и политичари од земјите од Западен Балкан.
„Духовните советници стануваа поважни како што претседателите им дозволуваа да играат повеќе јавни улоги.
Тие го советуваат претседателот, укажуваат на тоа кои верски перспективи се вреднуваат, каква е улогата на верата за време на извршувањето на функцијата и колкава улога треба таа да има во носењето политички одлуки“, објаснува Тери.
2. Какви се обврските на духовните советници?
Нивната улога не е формално опфатена со официјални документи кои ја регулираат институцијата претседател на САД.
Единствениот советник на кого му беше доделена официјалната титула капелан на Белата куќа беше Били Грејам.
Овој евангелистички пастор беше духовен советник на бројни американски претседатели – од Хари Труман во 1950-тите, преку Ричард Никсон, па сè до Бил Клинтон на крајот на 20 век.
„Оваа улога стана поважна во последните 25 години, кога Џорџ Буш Помладиот им дозволи на своите духовни советници, како Кирбиџон Колдвел и Марк Камполо, да говорат на настани со политички импликации.
Така, Колдвел во една прилика зборуваше на настанот 'Состојбата на црната нација'“, вели Тери.
„Состојбата на црната нација“ е важен годишен политички настан кој собираше истакнати активисти, политичари и интелектуалци кои разговараа за клучните прашања за Афроамериканците.
„Во првиот мандат на Трамп, праксата значително се промени, па Пола Вајт Кејн држеше говори со религиозен набој фалејќи го Трамп, јавно се молеше за него и ја користеше молитвата за да го стави претседателот во центарот на вниманието, дури и над нацијата“, вели Тери.
Џеси Џексон и операцијата за ослободување на американските војници од Југославија Три прашања во сржта на спорот меѓу Трамп и папата Лав Четиринаесетти Бискупката која го повика Трамп да „покаже милост“ кон ЛГБТ луѓето и мигрантите
Пасторката Пола Вајт Кејн во вториот мандат ја извршува функцијата виш советник во Канцеларијата за вера на Белата куќа, која е основана во февруари 2025 година.
Вајт Кејн не добива плата за таа работа, според извештајот на Белата куќа за буџетот за плати на вработените во 2026 година што е доставен до Конгресот.
Пасторот Марк Бернс го нема на списокот на вработени.
Тоа, сепак, не е невообичаено, бидејќи личен духовен советник е неофицијална функција и тие не се финансираат од даночните обврзници.
Нивните плати ги финансираат претседателите од сопствениот џеб или самите советници собираат пари преку верските служби што ги држат.
„Не наидов на никаква информација дека ова е платена позиција бидејќи официјално не е дел од институцијата претседателство.
Меѓутоа, би било разумно да се заклучи дека патувањата на Марк Бернс ги покрива владата, бидејќи тој во објава на Фејсбук напиша дека е во Србија како 'духовен дипломат'“, вели професорката Тери.
3. Како се избираат?
Низ историјата, одлуката за избор на духовен советник ја носел самиот претседател на САД.
„Честопати се работи за личност која веќе му давала духовни совети на претседателот, но поединците кои ја извршуваат таа улога можат да се менуваат во текот на мандатот“, вели професорката Тери.
Таа додава дека и Бил Клинтон и Барак Обама имале повеќе луѓе кои им давале духовни совети во различни својства.
„Обама имаше повеќе духовни советници со различни верски уверувања, кои исполнуваа церемонијални улоги и говореа на разни настани“.
4. Што зборува изборот на Бернс за Трамп?
Иако Бернс на мрежите има низа фотографии со Трамп, а на својата официјална веб-страница нагласува твит во кој американскиот претседател го фали, пасторот го следат и бројни контроверзии.
Тој тврдеше дека завршил универзитет во Јужна Каролина, но Си-Ен-Ен (CNN) утврди дека таму поминал само еден семестар, како и дека никогаш не бил во повеќегодишна активна воена служба, што го нагласуваше, туку бил во резервниот состав.
Бернс на тоа прво одговори дека неточните податоци во биографијата на неговата веб-страница се последица на хакерски упад, за подоцна да признае дека не ја зборувал вистината за образованието.
Тој исто така тврди дека е мета на демократите само затоа што е „црнец кој го поддржува Трамп“.
Именувањето на Бернс зборува за приоритетите на актуелниот американски претседател, оценува Тери.
„Тој потег е во согласност со другите именувања на Трамп: на оние кои се лојални и безпоговорно се согласуваат со агендата на претседателот“, укажува таа.
5. Колкаво е влијанието на духовниот советник?
За разлика од советниците за национална безбедност кои низ историјата значително влијаеле врз одлуките на американските претседатели, како Хенри Кисинџер, Збигњев Бжежински или Кондолиза Рајс, влијанието на религиозните или духовните асистенти честопати не е доволно јасно.
Истражувајќи за книгата „Партиска реторика и поделби“, професорката Тери вели дека пронашла докази оти разговорите со пасторот Кирбиџон Колдвел влијаеле врз претседателот Џорџ Буш Помладиот.
„По 11 септември 2001 година, Колдвел го советуваше Буш да воспостави национален ден за молитва за жртвите од нападот“, објаснува Тери.
Речиси 3.000 луѓе загинаа во нападите на 11 септември 2001 година, а најмногу од нив настрадаа во Њујорк.
Тогаш екстремисти на Ал Каеда киднапираа четири американски патнички авиони и ги удрија во Кулите близначки на Светскиот трговски центар на Менхетен и еден во зградата на Пентагон во Вашингтон.
Ова беа најсмртоносните напади на американско тло од 1941 година, кога Јапонците го нападнаа пристаништето Перл Харбор на Хаваите, убивајќи 2.400 луѓе, по што Америка влезе во Втората светска војна.
„Советниците најмногу влијаат врз претседателите во приватните разговори и затоа е многу тешко да се анализира нивното значење“, вели професорката Тери.
„Но, разумно е да се анализира јавната работа на советникот за да се види дали тој ќе му помогне на претседателот да стане попремислив и внимателно да ја разгледува моралноста на сопствените постапки“.
Дали пасторот Бернс е човек кој би можел да влијае врз одлуките на Трамп?
„Изгледа малку веројатно дека Бернс ќе поттикне каков било вид длабоко размислување, туку дополнително ќе го охрабри Трамп“, заклучува Тери.
Како е во Европа?
За разлика од Соединетите Американски Држави, претседателите и премиерите на европските држави главно не именуваат официјални духовни советници.
Поради строгото уставно раздвојување на црквата и државата и секуларната политичка култура, европските лидери исклучиво се потпираат на политички, економски и дипломатски советници.
Европските лидери главно приватно ја практикуваат религијата, а со свештенството се консултираат за лични верски прашања.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата