Европската унија нема да го преиспита своето дипломатско присуство во украинската престолнина, и покрај заканите на Русија за можни ракетни напади врз Киев, изјави портпаролот на Европската комисија, Ануар Ел-Ануни, на брифинг во Брисел, пренесува „Укринформ“.
Тој истакна дека јавните закани на Русија за напад на Киев се дел од нивната небрежна тактика на ескалација, нагласувајќи дека Москва уште еднаш „скандалозно се обидува да ја обвини Украина за сопствената агресивна војна“.
Портпаролот беше дециден дека Европската унија нема да го промени својот став, ниту своето дипломатско присуство во Киев, испраќајќи порака на стабилност и поддршка за Украина во услови на зголемени тензии.
„Дозволете ми уште еднаш да го потврдам нашиот став по ова прашање. Јавните закани на Русија дека ќе го нападне Киев се дел од нивната небрежна тактика на ескалација. Русија уште еднаш скандалозно се обидува да ја обвини Украина за сопствената агресивна војна. ЕУ нема да го промени својот став, ниту присуството во Киев“, изјави портпаролот Ел-Ануни.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата