Сијархеј Циханоуски, еден од водечките опозициски гласови и противници на власта во Белорусија, конечно доби слобода по речиси пет години поминати во целосна изолација. Значително ослабен, тој пристигна во Вилнус каде по долг период се сретна со сопругата Светлана Циханоускаја и нивните деца.
По излегувањето, Циханоуски откри дека бил изложен на тортура, нехумани услови, постојани закани и изолација. "Мојата здравствена состојба е сериозно влошена и ќе барам соодветна медицинска помош", изјави тој.
Циханоуски беше уапсен во 2020 година откако го објави своето учество на претседателските избори против Александар Лукашенко. На судењето, по обвинувања со политичка позадина, му беше изречена затворска казна во траење од речиси две децении.
Ослободувањето на Циханоуски следеше веднаш по посетата на американскиот пратеник Кит Келог во Минск. Во својата прва изјава, тој изрази благодарност до сите меѓународни партнери што придонеле за неговото ослободување, посебно спомнувајќи го претседателот Доналд Трамп за неговата улога во поддршката на процесот.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата